Вести
Хрватска го слави Денот на победата и благодарноста кон татковината
Хрватска денеска го слави Денот на победата и благодарноста кон татковината, Денот на хрватските бранители и 30-годишнината од воено-полициската операција „Олуја“, со која за три дена беа ослободени 11 илјади квадратни километри окупирана територија.

Хрватска денеска го слави Денот на победата и благодарноста кон татковината, Денот на хрватските бранители и 30-годишнината од воено-полициската операција „Олуја“, со која за три дена беа ослободени 11 илјади квадратни километри окупирана територија.
Воено-полициската операција„Олуја“започна на 4 август 1995 година во 5 часот наутро, а до 7 август, хрватската армија ги ослободи окупираните територии во Далмација, Лика, Кордун и Бановина и ги врати во Република Хрватска.
Годишнината од операцијата „Олуја“ се одбележува секоја година на 5 август, денот кога хрватските трупи влегоа во Книн, главниот град на самопрогласената парадржава Република Српска Краина (РСК). Останатите области во источна Славонија, по границата со Србија, беа вратени во Хрватска по мирната реинтеграција на регионот на Дунав во 1998 година.
Операцијата „Олуја““ беше започната три месеци по операцијата „Блесок“, со која Хрватска ја врати контролата врз западна Славонија, и откако претставниците на РСК отфрлија каква било можност за мирно решение, вклучително и планот З4, потсетува ХИНА. Со неа заврши војната во Хрватска, за време на која силите на РСК, поддржани од воена и финансиска поддршка од Белград, нападнаа и уништија бројни градови и села и го протераа несрпското цивилно население.
Покрај Книн, операцијата „Олуја“ ги ослободи и Грачац, Обровац, Кореница, Слуњ, Плитвице, Свети Рок, Бенковац, Кијево, Врлика, Дубица и бројни други места, а хрватските сили стигнаа до меѓународно признатата граница меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина. Од друга страна, околу 200 илјади граѓани, претежно од српска националност, ги напуштија гореспоменатите области по „Олуја“, а според тврдењата на невладините организации, нивното враќање беше отежнато и невозможно со години.
Воената операција што ослободи една петтина од хрватската територија не помина без човечки загуби. Во „Олуја“ загинаа 174 војници и полицајци, а повеќе од 1.400 беа ранети, пренесува ХИНА.
Триесетгодишнината од „Олуја“ беше одбележана и со голема воена парада на 31 јули во Загреб, во која учествуваа околу 3.400 војници, 500 борбени и неборбени возила и вкупно 41 авион од хрватските воздухопловни сили.
Церемонија на кревање знаме ќе се одржи на тврдината Книн, со читање на 245 имиња на бранителите кои загинаа и исчезнаа во операцијата„Олуја““.