Свет

Холанѓаните од државата добиваат пари за секој извозен километар со велосипед

Додека кај нас велосипедистите сонуваат за подобри услови и патеки на кои нема да си го ризикуваат животот, Холандија, која веќе има повеќе велосипеди отколку луѓе, ќе им плаќа на граѓаните да се возат на велосипеди.

Повеќе од половината холандски возачи што користат автомобил за да стигнат на работа од своето работно место се оддалечени околу 7,5 километри, а владата смета дека тоа е дистанца што лесно би можела да се помине со помош на поздрава и еколошки поприфатлива варијанта.

Холандија има 17 милиони жители и 23 милиони велосипеди, а податоците покажуваат дека пред две години во таа земја повеќе од четвртина од патувањата биле токму на велосипед. Меѓутоа, од тоа само 25 отсто од патувањата биле поврзани со работното место, 37 отсто биле од забава, а останатите поради шопинг, одење на училиште и други активности.

Токму затоа оние што со велосипед одат на работа ќе можат да остварат даночно олеснување од 0,19 евра за секој поминат километар, со тоа што компанијата и вработените сами ќе се договорат за должината на рутата. Иако оваа мерка постои веќе одредено време, многу малку компании знаат за неа, па холандската влада се надева дека ќе го промени тоа со промоција.

Освен овој бенефит, неодамна беше објавено и дека ќе се вложат 345 милиони евра во велосипедска инфраструктура за во следните три години да привлечат барем 200 илјади луѓе на велосипед.

Проектот предвидува претворање на 15 нови рути во „велосипедски автопатишта“, кои ќе ги поврзуваат центрите на градовите со предградијата, создавање 25 илјади места за паркирање на велосипеди и доградба на повеќе од 60 складишта за велосипеди.

Меѓутоа, Холандија не била секогаш рај за велосипедистите.

– Во текот на 60-тите и 70-тите години многу холандски градови имале многу повеќе автомобили отколку велосипеди. Така било до доцните 80-ти, кога била имплементирана политика на приоретизирање на велосипедизмот и пешачењето – објаснува Мередит Гласер, истражувачка на Институтот за урбан велосипедизам при Универзитетот во Амстердам.

Таа додава дека во тој период имало неколку важни настани што придонеле за „промената на климата“, на пример, нафтената криза, општествените движења против градење автопатишта и сè поголемата населеност во градовите. Денес оваа земја е една од ретките што велосипедизмот го сфаќа како сериозен начин на превезување.

Тагови

Поврзани вести