Македонија
Уставниот суд го укина мораториумот за градба во Центар, разочараност кај активистите, еколозите и граѓаните
Не престануваат реакциите по вчерашната одлука на Уставниот суд за привремено укинување на одлуката на Советот на општина Центар за мораториум за градба. Сега уставните судии ќе одлучуват за тоа дали оваа одлука на општината била уставна или не, а во меѓувреме општинските органи ќе мора да издаваат дозволи за градба според постоечкиот урбанистички план.

Тоа значи дека после оваа одлука на Устваниот суд ќе може да почне да се гради објектот на паркингот наспроти „Холидеј ин“, објекти во Дебар маало и Маџир маало за кои сите анализи покажаа дека со сегашниот ДУП голем дел од жителите воопшто нема да добиваат дневна светлина. Во урбанистичкиот план запишан е и облакодер од 26 ката кај Европски универзитет, хотел од девет ката на зеленилото пред Олимписки базен, нови згради на Водно, во Капиштец, Буњаковец, Крњево…
„Стоп за мафијашката урбанизација“, „Здравје пред профит во Центар“… беа паролите со кои жителите на Центар настапија пред локалните избори. Овие нивни барања беа делумно задоволени со мораториумот, а сега сѐ падна во вода. „Тие победија“, вели разочарано Јана Белчева, претседателката на Советот на општина Центар во изјавта за БИРН.
„Со стручни анализи докажавме дека плановите не се во согласност со Генералниот урбанистички план и дека не придонесуваат за квалитетен развој, хумани услови за живот, безбедност и здрава животна средина. И таквите планови сега повторно влегуваат во сила“, вели Белчева.
Уставниот суд ја донесе одлуката по иницијатива на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Градежните комори подолго време на јавни настани истакнуваа дека мораториумот во Центар му носи голема штета на градежниот бизнис.
„Можеби не е погрешно ако констатираме дека градежната мафија ги има во свои раце сите институции“, реагираше граѓанското здружение Во одбрана на Дебар Маало.
По одлуката на Уставниот суд, O2 иницијативата потсети дека истиот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана за деталните урбанистички планови во општина Карпош по што се нанесоа тешко отстранливи последици. Едниот ДУП е токму тој каде никнаа зградите на земјиштето на бившиот ресторан „Имес“ за кое беше обвинет екс градоначалникот Стевче Јакимовски за злоупотреба на службената положба.
Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана и од општина Гази Баба за да се спречи ДУП-от каде може да се гради Г1-тешка индустрија. Земјиштето е веќе доделено под наем на 99 години на Локо транс.
Уставниот суд го пролонгираше носењето на решенијата за ДУП во Карпош, иако ги имаше сите потребни документи и одговори од општината, потсетуваат од О2 иницијативата.
„Поради основаното сомневање за начинот на работење на уставните судии, нивната (не)зависност, застапувањето на одредени интереси, бараме од Државната комисија за спречување на корупција да го испита постапувањето на уставните судии, а Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на нивната работата“, бараат од О2 иницијативата.