Македонија

На пролет започнува парењето на птиците кои се гнездат во трската, а со нејзиното уништување може да има катастрофални последици

Палењето и сечењето на трската, особено во овој период од годината има катастрофални последици по живиот свет, предупредуваат екологистите и љубителите на природата. Пред пролет започнува парењето на птиците кои се гнездат во трската, која се повеќе е на удар на човекот. Состојбата посебно е алармантна во струшкиот дел од крајбрежјето, велат тие.

Замислете кога има јајца или пилиња и трската да се запали. Тоа е срамота и греота. Струшкиот дел е катастрофален, дали општината не води грижа или се работи за нешто друго не знам. Во многу делови трската е исечена, се чистат места за да се прават плажи, нанесена е голема штета. Околу 30 % од трската во струшко е исечена. – вели  Димче Мајкоски од СРД „Св. Апостол Петар“.

Покрај трската, се повеќе загрозени се и природните зимувалишта и мрестилишта на рибата во Охридското Езеро. Каналот Студенчишта каде секоја зима влегуваат тони плашица и други видови риба е претворен во депонија за стари пловни објекти, а во водата има огромни количини најразновиден цврст отпад.

Деновиве спортските риболовци од друштвото „Св. Апостол Петар“ и нуркачите од клубот за подводни дејности Охрид го чистеа горниот дел од каналот од каде беа извадени триесеттина вреќи отпад и огромна количина гуми. Повод за акцијата беше лигата во спортски риболов што ја организира СРД „Св. Апостол Петар“, која продолжи викендов со натпреварите од второто коло.

Најмногу отпад прават чамците, бродовите и кајчињата во каналот. Сите користат гуми за да се заштитат од удари и слично, но потоа наместо да ги одложат во отпад ги испуштаат во водата. – истакнува Мајкоски.

Според спортските риболовци потребно е да се работи на подигање на свеста кај луѓето за штетните последици од неразумното уништување на еко системот на Охридското Езеро, пред да биде предоцна. Во таа насока СРД „Св. Апостол Петар“ оваа пролет ќе започне со едукација на најмладите за заштита на животната средина и рибниот фонд во езерото. За останатото треба да се погрижат институците и соодветните инспекциски служби, децидни се љубителите на природата.

Тагови

Поврзани вести