Вести

Тетово се задушува, градските власти во зимски сон

Екстремно загадениот воздух во Тетово и оваа зима не ги алармираше властите да преземат сериозни мерки за намалување на штетните ПМ 10 честички во воздухот. Причините за аерозагадувањето се знаат, но тие како да не постојат за надлежните.

За сообраќајниот хаос ништо не се презема. Пробивањето на двата главни булевари во градот, со кои требаше да се растовари сообраќајот, не се одвива, иако ваквите градежни активности неколкупати беа најавувани од градските власти, проблемот со недостиг на паркинг-места сè уште не се решава, а тетовци сè уште се надеваат дека ќе профункционира јавниот градски превоз. Најголемиот проблем според урбанистите се висококатниците, кои ја блокираат нормалната циркулација на воздухот, а и оваа зима масовно се градат, посебно во центарот.Граѓаните веќе и не очекуваат дека институциите ќе преземат нешто сериозно за намалување на аерозагадувањето. Тие велат дека им останува само да не излегуваат од дома кога е многу загадено.

„Зиме ретко ги отвораме прозорците. Стравуваме од загадениот воздух. Нема друго решение. Ниту општината ниту државата не е заинтересирана за овој проблем. Тие и самите предизвикуваат аерозагадување. Во дворот на претоварната станица на комуналното претпријатие ‘Тетово’ има дива депонија, а комуналната хигиена не ја извршува обврската да ги мие улиците и тротоарите. Едноставните и основните обврски не ги исполнуваат, па не очекуваме дека нешто сериозно ќе преземат за аерозагадувањето“, вели еден жител на Тетово.

И од невладината организација „Мајка и дете“ сметаат дека општината не си ги завршила своите обврски, односно не си го исчистила својот двор и дом каде произведува загаден воздух.

„Општината нема право сега вината да ја префрла на друго место за загадениот воздух. Градоначалничката Теута Арифи порано се правдаше дека воздухот во Тетово е загаден поради работењето на ‘Југохром’. Сега воздухот пак е загаден, не толку екстремно како порано, но сепак е загаден. Сега сите надлежности за да се намали оваа појава ги има Општина Тетово, но таа наместо да ги решава проблемите таа загадува во својот дом. Замислете, целата општинска зграда се грее на нафта. И што да очекуваме од оваа институција?“, вели Елмедина Абдулахи од невладината „Мајка и дете“.

Од Општина Тетово засега само даваат препораки до граѓаните како да се заштитат од загадениот воздух и упатуваат апели до правните и физичките субјекти како да ја намалат емисијата на штетни гасови во воздухот.

„Се препорачува за време на периоди на масовно загадување, особено во попладневните и вечерните часови, граѓаните да не ги проветруваат просторите во кои престојуваат. Се препорачува да не се користат апарати за загревање и готвење кои користат фосилни горива. Сопствениците на градилиште мора да бидат обврзани да ги чистат своите гуми од глина и прашина пред да го транспортираат својот товар. Ги известуваме компаниите и правните лица да вршат превоз и достава на стоки во градските продавници, почнувајќи од 18 до 8 наутро, освен оние што обезбедуваат леб и свежо млеко“, известија од Општина Тетово.

Од здружението „Еко герила“ велат дека ваквите препораки многу малку ќе помогнат за намалување на аерозагадувањето. Според нив, тоа е обична шминка и властите мора да преземат радикални чекори.

„Мора да се преземат радикални чекори, на пример, во сообраќајот да се воведе некој посебен режим во денови на екстремно загаден воздух. Контрола на градењето да има, да не речам да има мораториум на градилишта и висококатници. Мора да се размислува што побрзо да се донесе гасот во Тетово, каде што сè уште голем број граѓани се греат на дрва. Да се мисли на раззеленувaње на градот. Со вакви препораки и апели ништо нема да постигнеме“, нагласува Аријанит Џафери од „Еко герила“.

Здравствените работници излегоа со црни статистики за смртноста на тетовци предизвикана од аерозагадувањето. Според последната студија на Републичкиот центар за јавно здравје и Медицинскиот факултет при УКИМ, 38 отсто од смртноста на тетовци се должи на високата концентрација на штетните честички во воздухот. Просекот на смртноста во Европа поради оваа појава е 22 отсто.

Но ваквата статистика очигледно не ги загрижува градските власти, а доказ за тоа е годинешниот буџет на Општина Тетово, во кој за намалување на аерозагадувањето се издвоени – 0 денари.

Тагови

Поврзани вести