Свет

Студентските протести во Србија денеска се претвораат во генерален штрајк

Во Србија денеска е генерален штрајк, односно општа граѓанска непослушност, на што студентите и средношколците кои протестираат веќе со месеци ги повикаа граѓаните на Србија.

Бројни компании, установи, здруженија и политички партии соопштија дека ќе ја поддржат акцијата. На штрајкот ќе се придружат и некои медиуми. Адвокатската комора на Србија објави дека адвокатите денеска почнуваат тридневен прекин на работата поради „нарушувањето на владеењето на правото“. За тоа време, адвокатите нема да влегуваат и престојуваат во просториите на судовите, обвинителствата и полицијата.

Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во земјата ќе продолжи оддавањето почит на 15-темина загинати во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, трагедија која ги поттикна секојдневните студентски протести и блокади.

Во Белград ќе има протести и блокади на сообраќајници на повеќе локации, а матурантите на средните училишта ќе одржат „час во природа“ и протестни прошетки, повикувајќи ги граѓаните да им се придружат.

Тагови

Поврзани вести