Свет

Стотици повредени, уништени села, силно торнадо ги погоди градовите низ Чешка (ВИДЕО)

Повеќе од 150 лица се пријавени како повредени, а неколку села претрпеа сериозни штети откако торнадо од категоријата Ф3 или Ф4 ја погоди областа Моравија, по должината на границата меѓу Чешка и Словачка.

На социјалните мрежи кружат видеа на кои се гледа разорувањето некаде помеѓу Брецлав и Ходонин, во југоисточна Чешка.

Последиците од торнадото се снимени со камера и во селото Лужице, со околу 3.000 жители.

Градоначалникот на Хрушки, кој има 1.500 жители, вели дека половина од селото е „уништено“.

Властите го проценија бројот на повредени меѓу 100 и 150 лица, но сè уште пристигнуваат информации за повредени и за штети.

Една чешка телевизија објави дека торнадото можеби било Ф3 или Ф4 според скалата Фуџита, оценет како „значителна“ до „сериозна“ штета. Метеорологот Михал Шак рече дека тоа е „веројатно најсилното торнадо во поновата (чешка) историја“ и многу невообичаено во Европа.

Локалните служби за итни случаи ги предупредија граѓаните да не излегуваат надвор или на улица и ја опишаа ситуацијата како „оштетени куќи, пожари, сообраќајни несреќи, дрвја врз автомобили и куќи“.

Околу 121.000 домаќинства останаа без електрична енергија како резултат на невремето, рекоа властите.

Последен пат Чешка ја погоди торнадо во мај 2018 година. Тоа беше Ф0 настан, кој погоди претежно празно земјоделско земјиште во областа Плзен, без да има повредени.

Тагови

Поврзани вести