Клима

Стариот континент се уште „гори“: Европа во незапамтен топлотен бран

Научниците велат дека топлотниот бран, кој започна на 20 јуни, е најлошиот досега забележан во Европа, а интензивната топлина предизвика прекини во производството на електрична енергија, оштетена инфраструктура и преоптоварени здравствени системи.

Во некои делови од Европа вчера температурите на воздухот достигнаа 40 степени Целзиусови, додека други области беа погодени од бури, а рекордната топлина ги преоптовари здравствените системи и го наруши сообраќајот и производството на електрична енергија низ Стариот континент.

Илјада дополнителни смртни случаи поврзани со топлината се регистрирани во Франција, објави францускиот институт за јавно здравје Санте Публик. Повеќето од жртвите се постари лица, соопшти агенцијата, предупредувајќи дека стапката на смртност веројатно ќе се зголеми како што ќе бидат достапни информациите за смртните случаи во установите за нега и домовите.

Научниците велат дека топлотниот бран, кој започна на 20 јуни, е најлошиот досега забележан во Европа, а интензивната топлина предизвика прекини во производството на електрична енергија, оштетена инфраструктура и преоптоварени здравствени системи.

„Во овој момент, 150 милиони луѓе живеат во услови на екстремна топлина, стотици починаа, училиштата се затворени, мрежите пукаат под притисок“, рече генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, во објава на Икс.

„Предводен од климатските промени и глобалното затоплување, феноменот на „генерациски“ топлотен бран сега се случува речиси секоја година. Предупредени сме“, напиша шефот на СЗО, додавајќи дека европските домови, работни места и училишта се лошо опремени за екстремна топлина.

Таквиот топлотен бран би бил „скоро невозможен“ без климатските промени предизвикани од човекот, што ги направи високите ноќни температури оваа недела 100 пати поверојатни отколку што беа пред само 20 години, велат научниците.

Температурите соборија рекорди во Австрија, Чешка, Германија и Полска, додека делови од Франција беа погодени од бури, предизвикувајќи дополнителни прекини во сообраќајот и снабдувањето со енергија.

Во Германија, железничкиот сообраќај е намален на главната железница во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија на западот од земјата, додека трамвајските линии се суспендирани во источниот град Лајпциг. Многу граѓани остануваат дома, избегнувајќи излегување пред зајдисонце, објавија локалните медиуми.

Во Рим, папата Лав им се заблагодари на верниците кои присуствуваа на неделната молитва на плоштадот Свети Петар и покрај неподносливата топлина.

Екстремната топлина влијаеше и на европските реки, затоплувајќи го и намалувајќи го нивото на водата, со што предизвика проблеми во производството на електрична енергија и земјоделството.

Унгарската влада вчера објави дека производството во нуклеарната централа Пакш повторно е намалено поради високата температура на видата во Дунав, кој е дел од системот за ладење на централата.

Во Италија, протокот на реката По е намален, предизвикувајќи морска вода да влезе дури 18 километри во внатрешноста, зголемувајќи стравувања за земјоделството и заштитените мочуришта во делтата на реката.

Во Италија, спасувачките екипи спроведуваат операција за потрага по сопругот на министерката Евгенија Рочела, која исчезна во саботата додека пливаше во езерото Вико, на 70 километри од Рим.

Чешките власти ги предупредија граѓаните да избегнуваат физичка активност и издадоа предупредувања за смог во централните и северните делови на земјата поради високите нивоа на озон на ниво на земја предизвикани од топлината.

Грмотевици би можеле да погодат делови од Франција, Германија и Чешка во текот на наредните еден или два дена, а во поголемиот дел од Западна Европа оваа недела се очекува заладување, со преминување на топлотниот бран кон Централна Европа и Балканот, прогнозираат метеоролозите.

Екстремната топлина се намали во поголемиот дел од Франција, објави Францускиот метеоролошки институт, но предупредувањата за топлина сè уште важат за некои области на североистокот од земјата.

Министерката за здравство Стефани Рист изјави за весникот „Ла Трибјун“ дека влијанието на топлотниот бран би можело да трае до десет дена откако ќе се смири топлината.

„Оваа епизода сè уште не е завршена“, изјави министерката за BFM.

Тагови

Поврзани вести