Вести
Специјализирани корпи за отпад од заштитна опрема се поставуваат на повеќе локации низ Македонија
Центарот за еколошка демократија Флоразон во соработка со Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, од денеска почнува со поставување 75 специјализирани корпи за одлагање отпад од заштитна опрема – маски и ракавици на целата територија на државата.
Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на Центарот Флоразон, Кирил Ристовски преку овој проект сакаат директно да влијаат врз намалувањето на ризиците од понатамошно ширење на коронавирусот, а истовремено да влијаат и врз намалување на т.н. ковид отпад. – Преку овој проект сакаме да ја поттикнеме општествената одговорност кај приватниот и јавниот сектор и воедно преку тоа да влијаеме врз јакнење на јавната еколошка свест и да укажеме на слабостите на актуелните практики на самиот систем за управување со отпад, рече Ристовски.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе го транспортира овој отпад заедно со комуналниот. Портпаролката на претпријатието Ана Марија Бранѓолица апелира до граѓаните заштитната опрема што ќе ја одлагаат во овие садови да биде уредно спакувана со цел превентивно да се заштити здравјето на вработените во претпријатието кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално опасен и контаминиран отпад. – ЈП „Комунална хигиена“ Скопје уште од почетокот на прогласувањето на пандемијата на вирусот КОВИД-19 спроведе низа вонредни мерки и активности се со цел да се постигне максимално ниво на хигиената и чистотата на јавните и сообраќајните површини во градот.