Свет
Смртоносни пожари во Чиле: загинати, повредени, прогласена национална жалост
Расте бројот на загинати и исчезнати во пожарите во Чиле
Расте бројот на загинати и исчезнати лица во пожарите кои го зафатија Чиле. Уништени се над 1.000 домови, изгореа два автобуски терминала и повеќе од 8.000 хектари земја. 19 хеликоптери, стотици пожарникари и локалното население се борат со огнената стихија.
Најпогоден регион е Валпараисо во кој живеат, речиси, еден милион жители. Драматична е состојбата и околу туристичкиот регион Вина дел Мар.
Претседателот на Чиле прогласи вонредна состојба, додека Националната служба за превенција и реагирање на катастрофи издаде црвено предупредување и побара евакуација на шест општини.
Снимките од дронови на Ројтерс во областа Вина дел Мар покажуваат изгорени цели населби, жители кои бараат меѓу остатоците од изгорените домови и улици преполни со уништени автомобили.
Чилеанските власти воведоа полициски час во најтешко погодените области и ја испратија војската да им помогне на пожарникарите да се борат со пожарот.
Чилеанската медицинска служба соопшти дека 99 лица загинале во пожарите, а 32 тела биле идентификувани.
Во однос на бројот на жртви, овие пожари ја претставуваат најголемата катастрофа во Чиле од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 500 луѓе.