Македонија

„Смарт“ град: за кого и од кого?

Венко Андоновски

Еве сум пак, драги мои. Со нов серијал, под наслов „Празни зборови“. Ќе ме интересираат оние зборови што некогаш имале значење, а денес веќе немаат ни значење ни пандан во стварноста, како што е зборот „срам“. Како и оние нови, странски зборови што ни ги уфрлаат „од запад“, а немаат ниту смисла, ниту значење, ниту пак нештата што ги означуваат постојат во нашата стварност.
Стара и тажна вистина е дека зборовите, кога се злоупотребуваат, служат за правење кариера „со лакти“ во општеството. Ги користиме, освен за љубовна поезија, и за лага или стекнување корист. И така, во екот на кампањава за градоначалници (изразит пример за правење кариера НАЈЧЕСТО со празни зборови), прочитав израз „паметен град“. И власта и опозицијата го употребија. Тоа е нов хит-збор (буквално преведен од англиски) во устите на политичарите, како што беа „бенчмаркови“ (нашки кажано – стандарди, вредности) или „испорачува резултати“ (нашки кажано – дава резултати). Немам намера ама баш ништо да политизирам околу таа идеја. За пофалба е што некои градоначалници сакаат да прават паметен град, нешто што е европски и светски стандард во живеењето. Тоа е град со таква комуникациска инфраструктура во која доминира информатичката технологија, што ви овозможува да добиете сѐ без малтретирање и мака. Користите различни електронски уреди, добивате услуги дури и со гласовни команди или сензори, имате секогаш информации. Како што постои смартфон (паметен телефон), така треба да постои и „смарт сити“, односно паметен град. Неспорно.

Но: за кого ќе го правиме тој паметен град? Познато е дека и најпаметниот уред во рацете на непаметниот доживува пренамена. Мајмунот со мобилниот телефон се чеша по грбот, педофилот со информатичката технологија бара жртви, криминалецот обива банкарски сметки. За смарт уред е потребен најпрвин смарт (или барем „токму“) човек. За „смарт сити“ е потребен прво смарт (или барем „токму“) граѓанин. Колку пати само сум пцуел кога некој пред мене со мрсни прсти од бурек притискал на сензорен екран на банкомат, па поради неговата „несмартност“, на банкоматот залепиле ливче: „Банкоматот е ВОН употреба“.
Затоа, а не од финансиски или технички причини, мислам дека проектот „паметен град“ за нас е неостварлив. Факт е: на толку многу дипломи, магистратури и докторати по жител, ние сме, сепак, земја со многу ниско образовно и воспитно ниво. Доволен доказ е пандемијата. Еден таков „смарт“ граѓанин, со својата свршеница, се разбудил со симптоми на ковид, направил брз тест и, иако знаел дека е заразен, примил инфузија за да отиде на својата свадба, каде што без маска (за да не се посомнева некој), се гушкал со гостите. Резултат од таа „смарт“ постапка: полна болница. Друг „смарт“ граѓанин ноќе фрла бисти на познати македонски писатели во езеро. Таквиот е или нереализиран поет, или реализиран политичар што се бори против оние што пред 50 години напишале песна со наслов „Македонија“; тој не сфаќа дека мртвите не се информирани за промената на уставното име на државичкава. Трет „смарт“ граѓанин, зрел човек, на извиднички камп, под маската на „новата нормалност“ и „сензитивното“ сексуално образование, покрај други сексуални перверзии, избира најубави гради кај малолетнички и им честита со реченицата „Догодина да се видиме повесели и поголи“. Три примера што даваат идеја за „смарт“ лудница, а не за „смарт град“…

Целата колумна на Венко Андоновски може да ја прочитате на novamakedonija.com.mk

 

Тагови

Поврзани вести