Македонија
Скопје ќе добие пречистителна станица за третман на отпадни води
Метрополата конечно ќе се тргне од листата на неколкуте европски градови кои не ги третрираат отпадните води.
За пет години од сега во Скопје ќе се изгради долгоочекуваната пречистителна станица, што е и најголем еко-капитален проект во земјава. Градоначалничката Арсовска вели дека најважното е што граѓаните ќе имаат поздрава еколошка средина, а во Вардар наместо загадени како сега, ќе се влеваат прочистени води.
-Ако досега отпадните води се испуштаа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и здравјето на граѓаните, сега конечно имаме можност активно да делуваме, имаме можност да ги менуваме нештата, имаме можност да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но пред се да овозможиме и да обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да го подобриме квалитетот на живот за сите скопјани. – Данела Арсовска – Градоначалник на Скопје.
Тендерската постапка од денеска е во следна фаза и најдоцна до крајот на годината ќе се избере изведувач од пријавените на истата, вели директорот на ЈП Водовод, Златко Перински. Потоа следува тригодишна изградба и двегодишно тестирање на станицата која што ќе биде лоцирана во скопско Трубарево….
-Пречистителната станица како проект кој што е навистина од огромно значење, не само за градот Скопје, туку и за Македонија е многу битно да се реализира, затоа што во периодот што следи и од кога ќе се заврши овој проект би требало да опфати пречистување на скоро 90% од отпадните води во градот Скопје, практично и во Македонија,– Златко Перински – Директор на ЈП Водовод.
Изградбата на пречистителната станица ќе чини 136 милиони евра, од кои 68 милиони евра се обезбедени преку заем од Европската инвестициска банка, 58 милиони се обезбедени од ЕБОР и 10 милиони евра се обезбедени преку инвестициски грант од Иницијативата за економска отпорност.
Директорот на Европската инвестициска банка за Западен Балкан, Александро Брагонци, оцени дека проектот се движи напред и во вистинска насока и дека од него скопјани ќе имаат само придобивки.