Македонија

Се уништуваат чисти реки, а цехот е вклучен во сметките за струја

Досегашната пракса за изградба на мали хидроелектрани во Македонија покажува непочитување на основните принципи на превентивност во заштитата на природата во заштитените подрачја. Ако пред изградбата на хидроелектраните реките биле во недопрена состојба и со голем рибен фонд и други ендемски видови, по градежниот зафат квалитетот на водата не е ист и е уништен еко-системот во нив. Ова беше истакнато на прес-конференцијата што ја организираа од “Еко-свест” и побараа од Владата на РМ да се елиминира изградбата на мали хидроелектрани во заштитени подрачја, а при евентуалната изградба во други подрачја да се почитуваат правилата на градба, да има мониторинг и казни за инвеститорите кои не ги почитуваат правилата, додека со новите подзаконски акти на Законот за енергетика и за нив да важи субвенционирањето со премиум тарифи.

Ана Чоловиќ-Лешоска од “Еко-свест” нагласи дека доколку не се прифатат измените што ги предлагаат и продолжи стимулирањето на изградба на мали хидроелектрани преку субвенциите тогаш нивниот број ќе порасне.

– Во Македонија има план за изградба на 400 вакви хидроцентрали, досега се изградени помалку од стотина, се планира нов повик за 22 хидроелектрани, Сметам дека нема теоретски шанси да се изградат сите 400 електрани бидејќи е планирано да се постават во заштитени подрачја, а ние тоа нема да го дозволиме – рече Чоловиќ-Лешоска.

Од “Еко-свест” истакнаа дека упатиле писмо до Владата во кое бараат јавна расправа за предложените подзаконски акти, како и да се воспостават „Зелени зони за сини реки“ каде што нема да се изведуваат инфраструктурни проекти на реките.
Давор Пехчевски од “Еко-свест” посочи дека од 2010 година во Македонија се исплатени околу 153 милиони евра за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори, од кои 62 милиони евра се за енергија произведена од малите хидроелектрани.

– Од јануари 2015 година, трошокот за субвенционирање на повластените производители е целосно пренесен на крајните потрошувачи и е вклучен во месечната сметка за електрична енергија. Бараме и малите хидроелектрани да бидат вклучени во новиот систем за субвенционирање на обновливи извори на енергија. Вака како што е поставена уредбата во неа има два система – систем со повластени тарифи и систем со премии. Во системот со повластени тарифи, остануваат малите хидроелектрани и хидроелектраните на биогас и биомаса и тие се уште добиваат загарантирани откупни цени на електричната енергија, додека соларната и ветерната енергија треба да се натпреваруваат на тендерска постапка со аукција, да понудат најниска цена за да добијат премија, односно субвенција за произведената енергија. Тоа на некој начин ги фаворизира малите хидроелектрани при чија изградба има значајни влијанија врз животната средина, рече Пехчевски.

Филипа Галоп од CEE Bankwatch Network посочи дека предложената уредба за мерките за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија е спротивна на препораките од Европската комисија и Енергетската заедница (ЕЗ) според кои сите капацитети освен најмалите треба да се префрлат на систем со повластени премии што се доделуваат со тендерска постапка со аукција.

– Ова ќе овозможи придвижување кон конкурентен и пазарно-ориентиран систем за поддршка што ќе донесе оптимален развој на енергетскиот сектор со минимална штета врз животната средина, но и пониски трошоци за крајните потрошувачи – нагласи Галоп и потенцира дека ЕЗ за разлика од ЕУ нема доволно јаки механизми за заштита на препораките, бидејќи нема можност да изрекува казни, но додаде дека може суптилно да влијае на банките да не доделуваат пари за изградба на енергетски објекти кои ја нарушуваат животната средина.

Игор Вејновиќ од CEE Bankwatch Network посочи дека преку европските банки на Балканот се вложени преку 700 милиони евра за изградба на мали хидроелектрани и додаде дека се планирани над 2.000 такви електрани. Тој објасни дека граѓаните во регионот на Балканот полека почнуваат да се спротивставуваат на изградбата на малите хидроелектрани.

– Бараме да се преиспита пристапот за изградба на мали хидроелектрани во подрачјата каде што има висок биодиверзитет и за тоа доставивме петиција со 120.000 потписи до европските банки од кои бараме да не финансираат такви електрани – кажа Вејновиќ.

Тагови

Поврзани вести