Македонија
Се тресе во јужна Пелагонија, утрово епицентарот кај Битола
Утрово во 8.01 часот земјотрес со сила од 2,8 степени според Рихтеровата скала повторно ги вознемири Битолчани. За разлика од синоќешните земјотреси со епицентар кај Лерин во Егејска Македонија, утринскиот земјотрес бил со епицентар на 15 километри југоисточно од Битола. Општина Битола денеска одржува итна седница на која се расправа за штетите предизвикани од синоќешниот земјотрес со сила од 5.6 степени по Рихтер.
Синоќа голем дел битолчани беа вознемирани и исплашени поради двата посилни земјотреси кои со татнеж ги стресоа зградите и куќите, па ги напуштија своите домови, а некои студената ноќ ја минаа во своите автомобили. Во високатниците кај техничкото училиште во Битола регистрирани се оштетувања во неколку станови, како и на некои постари куќи.
Синоќа беа регистрирани два посилни земјотреса од 5,6 степени според Рихтеровата скала (22,43 часот) и 5,3 степени во 22,53 часот со епицентар кај соседниот град – Лерин во Егејска Македонија
Инаку, Битола и Лерин се одалечени само 24 километри.
И по полноќ повторно имаше посилен земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала. До утрово регистрирани се над 25 земјотреси.
Извор mkd.mk