Македонија
Се бара спас за Тиквешкото Езеро
Регионалното здружение за заштита и унапредување на животната средина „Еко-живот" од Кавадарци поднесе иницијатива за спас на Тиквешко Езеро до кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и Советот на општината. Советот на Општина Кавадарци на вчерашната седница ја поддржа оваа иницијатива и донесе заклучок да се соберат сите засегнати страни на локално ниво, да формираат комисија и да изработат материјали за проблемот, па да бараат состанок и мерки за решавање на проблемот од надлежните државни субјекти.

„За да се спречи еколошката катастрофа, потребни се одлучни чекори за борба против климатските промени и коишто ќе го земат предвид негативното влијание врз хидропотенцијалот“, вели Ристо Паризов, претседателот на здружението Еко-живот. Екологистите бараат локалната самоуправа да ги преземе сите институционални мерки за борба против ваквата состојба со езерото, крај кое има околу две илјади викендички.
Тиквешкото Езеро е вештачко езеро на Црна Река 12 км југозападно од Кавадарци, односно 3 км јужно од селото Возарци. Езерото е настанато во 1968 година со преградување на кањонот на реката и со изградба на брана висока 104 м. Браната е изградена од нафрлан камен со глинено јадро чија должина изнесува 338 м.
Водата од Тиквешкото Езеро се користи за наводнување и за добивање на електрична енергија. Наводнувањето се врши преку хидросистемот „Тиквеш“, а во близина на браната е подигната ХЕЦ „Тиквеш“. Енергетската вредност на акумулацијата со четирите агрегати изнесува 51.8 GW/h, со средно годишно производство од 220 GM/h, со инсталиран проток од 120 м3/sec и инсталирана моќ од 96 MW/h.
На просторот на Тиквешкото Езеро постојат голем број на археолошки наоѓалишта, населби, манастири и споменици. Од античкиот период, на овој простор се откриени повеќе наоѓалишта, како на пример: Римските гробишта кај село Клиново и населбата Црквиште. Од средновековните наоѓалишта, познати се населбата Тиквеш, пештерската црква „св. Лазар“ во близина на утоката на реката Каменица во Тиквешкото Езеро, манастирот „Св. Ѓорѓи“, пештерската црква „св. Марко“ во близина на село Драдња…