Култура
„Севилскиот бербер“ на сцената на МОБ на 3 април

На 3 април 2026 година, со почеток во 20 часот, публиката во Скопје ќе има можност да ужива во една од најпознатите опери на сите времиња – „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, која ќе биде изведена на сцената на Македонската опера и балет.
Ова дело, препознатливо по својата разиграност, брза динамика и хумор, со години важи за омилено кај љубителите на операта, благодарение на богатата музика и живата сценска приказна.
Диригент на изведбата е Бисера Чадловска, додека режијата ја потпишува Урсула Хорнер од Австрија. Сценографијата е дело на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а за хорот е задолжена Ѓурѓица Дашиќ.
Во улогите ќе настапат познати оперски имиња меѓу кои Марјан Јованоски, Биљана Јосифов, Благој Нацоски, Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски и Филип Мирчевски. Музичката придружба е доверена на оркестарот и хорот на Националната опера и балет, а на чембало ќе настапи Елена Сиљаноска.
„Севилскиот бербер“ е едно од најзначајните дела на Росини, познато по виртуозните музички решенија, брзите вокални партии и сценската енергија што ја носи. Операта изобилува со комични ситуации, неочекувани пресврти и впечатливи музички теми, меѓу кои се издвојува и познатата арија „Largo al factotum“, која со години останува симбол на ликот на Фигаро.
Приказната ја следи љубовната авантура исполнета со интриги, маскирања и духовити недоразбирања, раскажана во препознатливиот стил на Росини, кој успешно ги спојува музиката и театарската игра.



