Клима

Природата го зема данокот: Цела планета зафатена со природни катастрофи – ерупции, поплави, горештини…

Властите на Гватемала соопштија дека бројот на луѓето кои загинаа во ерупцијата на вулканот Фуего во јуни изнесува 332 лица, стотина повеќе отколку што беа првичните податоци.

Досега се идентификувани 85 тела на загинатите.

Вулканот Фуего е еден од најактивните вулкани во регионот на средна Америка. Тој драматично еруптираше на 3 јуни и загрози 200.000 жители на околините населени места.

Сега пак во западниот дел на САД се шират големи пожари поради што илјаднци луѓе морале да бидат надвор од своите домови за време на празнувањето на Денот на независноста.

Воведена е и забрана за користење на огномети за да се спречи појава на нови пожари.

Националната агенција за пожари на САД соопшти дека се регистрирани повеќе од 60 шумски пожари, и оти повеќето од нив се во западниот дел на земјата кој е погоден од суша.

Најголемиот пожар гори на околу 205 километри југозападно од Денвер и за сега е трет најголем пожар регистриран во историјата на сојузната држава Колорадо, а се проширил на 381 квадратен километар.

Во Канада поради невообичаеното топло време што ја зафати провинцијата Квебек минатата недела, загинаа најмалку 19 лица, јавија локалните медиуми.

Претставници на здравствените власти соопштија дека 12 од жртвите се во најголемиот град во провинцијата, Монтреал.

Температурите во текот на денот достигнуваат 30 до 40 степени Целзиусови.

Властите претходно предупредија дека ризичните групи се луѓе со хронични болести, ментални нарушувања, самци и луѓе кои поминуваат многу време во простории без климатизација.

Последниот ваков топол бран во Монтреал е забележан во 2010 година, кога починаа 106 луѓе.

Метеоролозите предвидуваат дека температурите ќе се намалат во петок, а постудениот бран ќе стигне само до источна Канада.

Од друга страна, силно невреме ја зафати централна Франција, при што загина едно лице и беа предизвикани штети на стотици домови.

Голем дел од Франција е во портокалова фаза на опасност од нестабилното време кое се прошири и кон југозападната област Нова Аквитанија.

Во градот Корез, од пад на дрво загинал 64-годишен човек. Во градот Сан Сорнен, пак, ветрот кој дувал со брзина од 27 метри во секунда, оштетил 800 куќи и згради, а жителите побарале засолниште во спортска сала.

Се очекува невремето да продолжи и да го зафати и главниот град Париз, кој досега беше погоден од високи летни горештини и влажност.

Во кинеската метропола Шангај е прогласено жолто предупредување поради силните дождови и ветрот кој дува со 20 метри во секунда.

Метеоролозите очекуваат да наврнат до 40 литри дожд по метар квадратен, поради што на граѓаните им се препорачува да не патуваат далеку со возилата и да ги избегнуваат рекламните паноа и другите објекти кои можат да попуштат од ударите на ветрот.

Поројните дождови веќе ги зафатија провинциите Шенси и Сичуан, предизвикувајќи штета на домовите на над 260.000 луѓе.

Тагови

Поврзани вести