Македонија
Решавањето на проблемот со отпадот може да го намали и загадувањето на воздухот
Неправилното управување со отпад придонесува за влошување на квалитетот на воздухот. Потеклото на загадувањето на воздухот во нашата земја главно е од греење на домаќинствата, издувни гасови од стари автомобили, градежни работи и индустријата. Но, значителен дел од ова загадување доаѓа и од отпадот од неконтролирани депонии. Горејќи, отпадот во воздухот ослободува повеќе штетни органски елементи меѓу кои диоксини и фурани кои се канцерогени супстанции. Дури и кога не гори, кога е само одложен на отворените депонии, комуналниот отпад составен и измешан од секакви материјали, пластика, најлон, батерии, градежен шут и слични материјали коишто не се биоразградливи, во форма на прашина се разнесува насекаде и го загадува воздухот.
Аерозагадувањето е една од најголемите опасности што произлегуваат од неправилното управување со отпад, но ова не е единствената. Општинските депонии отворени и нестандардизирани ја загадуваат и животната околина а многу често служат и како место за барање храна од домашните животни. Дивите депонии, распослани насекаде долж локалните и регионалните патишта, натрупани во речните канали во руралните средини се опасност од повеќе причини, затворање на каналите голем проблем при обилни дождови, опасност од запалување при високите летни температури, па и ослободениот исцедок што се слева во подземните води а оттаму во земјоделските производи.