Забава
Рециклирана волна и природни материјали во фокусот на новата Mango Committed колекција
Модниот бренд Mango ја претставува новата колекција на еколошката линија Mango Committed во која се фокусира на принципот на одржлива мода и користењето на рециклирани материјали. Моделите за есен 2018 се направени од рециклиранa волна, органски памук, вискоза и биоразградливи влакна, а во однос на стилот во новата колекција забележуваме минимализам и чисти форми. Извор на инспирација за креациите е спокојот во кој наоѓаме прибежиште од секојдневниот хаос.
Во рекламната кампања се појвува холандската манекенка и уметница Саскија де Брау, која позира во минималистички фустани, костими со панталони и наметки во бела, кафена и светловиолетова боја, а фотосесијата е направена во националниот парк Ајгуес Тортес во Шпанија. Изборот на Саскија како заштитно лице не е случаен, таа како уметник ги истражува концептите на простор, време и трансформација, и во своите дела користи рециклиран материјал, уличен отпад и пронајдени предмети.
Mango презема повеќе активности на полето на одржливост во модата, покрај Mango Committed колекцијата, брендот има цел да го зголеми бројот на одржливи влакна кои ќе ги користи во производството на облеката. Исто така го работи и проектот Second Chances за собирање на облека и обувки за локална и интернационална реупотреба, со што се прави рециклирање и намалување на енергија.