Македонија

Реупотреба на мебел, најавен втор циклус од обуки во Кавадарци

Во тек се подготовките за вториот циклус од обуките за реупотреба на мебел, информираа денеска од еколошкото друштво „Еко-живот“ од Кавадарци, што го спроведува овој проект.

Всушност, во склопот на активностите на проектот „Намалување на отпад од мебел, дрвен отпад и текстил преку негова реупотреба и зголемување на социјалната вклученост во општина Кавадарци“, предвидени беа два циклуса на обуки за реупотреба на мебел. По успешното завршување на првиот, се подготвуваме за вториот циклус. Обуките се спроведуваат во соработка со стручни лица од СОЗШУ „Ѓорче Петров” Кавадарци и стручни лица од ,,Еко-живот”, појасни Роберто Паризов, претседател на друштвото.

Тој додаде дека обуките за реупотреба на мебел опфаќаат теориски и практичен дел директно поврзани со реупотребата на мебел, како препознавање на видови на материјали, обработка, заштита, тапацирање и реупотреба на текстил како декор на преработениот мебел.

-Со стекнувањето на вештини и знаења преку посетата на обуките, обучените лица добиваат можност за подобрување на сопствената социо-економска состојба. Во тек е пријавување на кандидати што ќе го посетуваат вториот циклус од обуките, рече Паризов. /МИА

Тагови

Поврзани вести