Култура
„Реквием“ на Моцарт денес ја отвора новата сезона на Македонската опера и балет

Националната опера и балет денес, 3 октомври ќе ја отвори новата сезона 2025/2026 со „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт.
Едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика, „Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот и обвиено со мистерија и легенди. Делото претставува музичка исповед, исполнета со драматични контрасти – од тивките молитвени моменти до експлозивните хорски сцени. Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност. Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина, информира НОБ.
Солисти ќе бидат Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас).