Македонија
Регистрирани нови загадувачи на воздухот во Кочани
Нови загадувачи на воздухот во Кочани се регистрирани по испитувањата што кон крајот на ноември ги направи независна лабораторија, избрана со тендерската постапка на Локалната самоуправа.
Добиените резултати покажуваат дека концентрацијата на ПМ10 честичките, останува висока во старата индустриска зона, каде при мерења и во услови кога не работи компанијата „Пејпр мил”, има отстапување од граничните вредности. Притоа, се регистрирани 84,77 микрограми на кубен метар, што е за 34,77 микрограми повеќе од дозволената вредност.
Меѓутоа, и во зоната Лесна индустрија, на ул. „Крижевска”, измерена е концентрација на ПМ10 честички од 51,73 микрограми на кубен метар
– Во периодот од 25 до 27 ноември, на неколку локации во Кочани се извршени мерења и анализи во животната средина на емисии во воздух од стационарни извори на загадување и на концентрација на прашина – ПМ10 честички во амбиенталниот воздух. Кај четири правни субјекти се направени мерења на концентрацијата на загадувачки супстанции во отпадни гасови од емитер, односно оџак, и чаднокатрански број што се создаваат при работа на котел за потребите на производствен процес. Кај два од нив е регистрирано отстапување од граничните вредности, стои меѓу другото во лабораторискиот извештај.
Добиените податоци ќе бидат испратени до надлежните институции за да преземат соодветни мерки, а онаму каде ингеренциите се на единицата на Општина Кочани, ќе постапува општинскиот инспектор за животна средина.
Комплетните лабораториски извештаи се добиени со мерката за контрола, анализа, следење и информирање за квалитетот на животната средина, реализирани од општинската Програма за заштита на животната средина за 2020 година. Тие ѝ се достапни на јавноста преку веб-страницата на Општина Кочани.