Беа Џонсон, Французинката која со своето семејство живее и работи во Калифорнија, САД вторпат беше гостинка во Скопје, каде што присустуваше на промоција на нејзината книга „Дом со нула отпад“. Во 2013 година, кога за првпат е издадена во САД, „Дом со нула отпад“ била единственото сеопфатно четиво за ѓубрето како фактор за (по)едноставен и исполнет живот. Оттогаш книгата е преведена и адаптирана на над 20 јазици, а Беа Џонсон неуморно зборува за придобивките од живеењето со нула отпад и ја „шета“ својата тегла ѓубре низ целиот свет.
Беа Џонсон дојде во Скопје на покана на Андријана Папиќ Манчева, членка на неформалната група граѓан(к)и „Од нула до нула“. Токму Папиќ Манчева е и преведувачот и приредувачот на македонското издание на „Дом со нула отпад“.
Беа Џонсон денес е неисцрпна инспирација за милиони луѓе низ светот. Безмалку цела деценија заедно со своето семејство прави само по еден килограм ѓубре годишно. Во книгата таа раскажува и дава практични совети како може секој да живее поедноставно така што ќе прави помалку ѓубре.
„Во ништо не сум верувала толку силно ко што верувам во нула отпад и во моќта на поединецот да ја зачува животната средина така што ќе прави помалку ѓубре. Сите знаеме дека помалку ѓубре значи поздрава животна средина и подобро здравје. Но помалку ѓубре значи и повеќе слободно време, повеќе пари, повеќе искуства и помалку бришење прашина! Зарем може човек да посака повеќе?“ пишува во поговорот на книгата Папиќ Манчева.
– Би сакала да ги споделам со вас сите работи кои ги научив во изминатата година. Научив дека е привилегија да си ја најдете пасијата во животот. Прекрасно е чувството да имате нешто со кое што ќе се будите и ќе заспивате. И кога нешто такво ќе ве обземе како што мене ме обзема нула отпад, нема сопирање. Сфатив дека во ниту еден момент во изминатава година не попуштив. Вербата дека оваа книга ќе излезе беше постојано силна. Верувам во моќта на човекот, на поединецот да направи промени, да истрае и да издржи, да го оствари она што го намислил. Но, работите се многу полесни кога постои подадена рака – рече во воведниот дел на промоцијата на книгата Папиќ Манчева.
Таа се заблагодари на издавачот „ВиГ Зеница“, Леа и Сабрина од „Ококори“ кои се одговорни за дизајнот, графичката поготовка е на Приватен принт, а книгата е отпечатена во печатницата „Софија“ – Богданци. Лектурата е на Сузана В. Спасовска.
– И благодарам на Славица Биљарска, која ме увери дека чудатата постојат и дека убавото не бара внимание. Благодарна сум и на Магда, која му даде сосема ново значење на зборот комшивка, потоа на Вики, затоа што засекогаш ми го промени светогледот со книгава, бабите и дедовците на Лена за безрезервната присутност, на брат ми, затоа што од роденденската журка направил кампања за собирање пари за книгава. Многу е полесно да го остварите она во што верувате кога знаете дека имате на кого да се потпрете во секое време и дури да не ја искористите таа поддржка, едноставно успокојува сознанието дека тие се тука секогаш за вас. И на крај мојот сопруг Војдан, којшто изминатава година, не поминува ден а да не ме научи што значи да се сака. Му благодарам за неговото ноншалатно ’Па зошто не ја преведеш’ – рече Папиќ Манчева.
Гостинката од Америка на промоцијата говореше за своето искуство и животот со нула отпад повеќе од десет години. Таа минатата недела веќе говорела за животот со една тегла ѓубре годишно во Обединетите нации во Њујорк и веќе двапати била гостин и во Европската унија.
– Ако некој пред десетина година ми кажеше дека ќе еден ден ќе дојдам во Скопје и ќе говорам за овој начин на живот, немаше да му поверувам. Уште помалку ќе поверував дека и мојата книга ќе биде преведена на македонски јазик – рече Џонсон на промоцијата.
Според неа, овој стил на живот пружа подобро здравје, повеќе слободно време и повеќе пари.
– Едноставноста на овој начин на живот ни нуди повеќе време за читање книги, за документарцни филмови посветени на животната средина. Јас и мојот сопруг решивме дека ние како родители сме одговорни да создадеме подобра иднина за нашите деца. Поради тоа моравме да го смениме начинот на живот. Го откривме нула отпад и решивме дека тоа ќе биде нашиот начин на живот – ја почна својата приказна шармантната Џонсон, мајка на 16 и 18 годишни синови кои како и сите тинејџери на овој свет имаат и користат телефони и компјутери. Носат и маици и патики, но, сета нивна гардероба, како и на Беа и нејзиниот сопруг се „втора рака“ или веќе носени.
Џонсон на промоцијата во кратки црти го објасни својот живот, прикажувајќи ги својот орман, спална соба, кујна, двор, собите на децата и купатилото како се тие уредени и што користат во секојдневниот живот. Говореше за петте златни правила и придобивките од живеењето со нула отпад а тоа се: не прифаќај тоа што не ти е потребно, редуцирај, реупотреби, рециклирај и компостирај.