Живот

Произведува кислород од месечинска прашина!

Европската вселенска агенција (ЕСА) пушти во функција прототип на кислородна плантажа за да почне да го произведува овој елемент од симулирана месечинска прашина, заради создавање одржлива инсталација за производство на воздух што може да се дише.

„Можноста да се добие кислород од ресурсите пронајдени на Месечината очигледно би била корисна за идните лунарни доселеници, како за дишење, така и за локално произведување на ракетно гориво“, вели Бет Ломакс од Универзитетот во Глазгов, истражувач што работи на прототипот во Европскиот вселенски центар за истражување и технологија (ЕСТЕЦ).

Сегашниот прототип е поставен во лабораторија во Нордвијк во Холандија, но следниот чекор е да се почне штимувањето, за да се намали работната температура и да се рационализира дизајнот за да се создаде преносна верзија на системот, кој еден ден би можело да биде пренесен до Месечината.

Врз основа на примероците донесени од Месечината со текот на годините, излегува дека лунарниот реголит (месечинска карпа) е составен од 40 до 45 проценти кислород по тежина, што го прави најизобилниот елемент на сателитот, а што е многу поволно за идните планови за човечка колонизација.

Сепак, кислородот е врзан како оксиди што имаат форма на минерали или стакло, што не е идеалната форма кога сакате да вдишете воздух. Во прототипот, екстракцијата на кислородот се врши со употреба на растопена солна електролиза, каде што лунарните камења се ставаат во метална корпа со сол на калциум хлорид, кој се загрева до неверојатни 950 Целзиусови степени.

Реголитот некако останува цврст на оваа температура, меѓутоа, со пуштање струја низ загреаната месечинска карпа таа го ослободува кислородот што го содржи. Неверојатно, реголитот тогаш станува употреблива метална легура.

Истражувачите сега ги истражуваат и потенцијалните идни употреби на таквите метални легури во изградбата на делови за лунарни бази или потенцијално дури и на вселенско летало.

Сепак, засега главната цел е да се добие функционален лунарен прототип подготвен за тестирање до средината на 2020-тите. Ваквите проекти претставуваат составен дел од заедничката иднина на НАСА и ЕСА во вселената, додека агенциите работат кон „одржливо човечко присуство на Месечината и можеби еден ден на Марс“.

Тагови

Поврзани вести