Македонија
Проектот за гас во Александрополис е економски неоправдан и проблематичен за Македонија

Професорот Константин Димитров вечерва во емисијата „24 анализа“ рече дека проект за станицата за втечнување на природен гас во грчкиот град Александрополис, во кој учествува и Македонија, е „економски неоправдан од безбедносни причини“ и „проблематичен“.
„Македонија може да продолжи да се снабдува со гас од други извори. Втората врска, вториот потенцијален снабдувач со природен гас е цевководот ТАП од каде што истотака низ цевководот доаѓа гасот од Каспиското Море. И претходната и оваа влада имаат потпишано меморандуми за да можат да купуваат определена количина на гас што ѝ е потребна на Македонија“, рече Димитров.
Професорот Константин Димитров го искритикува уделот на Македонија во терминалот за снабдување со американскиот течен природен гас во пристаништето Александрополис.
„Тоа што се гради и Македонија ќе учествува како акционер наизглед е добро, ама ние немаме никаква информација колкаво е вистинското упчество, а се споменува само сума на пари. Нема бизнис-план во Собранието, колкави права и цена ќе имаме. При тоа ние не одлучуваме бидејќи доминантното сопствеништво е на Бугарија и Грција. Нема програм,. нема проект, вложуваме за некаква очекувана дивиденда кога е апсолутна сиромаштија и се поскапува“, вели Димитров во вестите на ТВ24.
Стручњакот додава дека американскиот ЛНГ ќе биде многу поскап за македонски услови во однос на рускиот природен гас на кој сме навикнати да го плаќаме и дека актуелната власт им се додворува на Американците.
„Економските показатели би биле единствен аргумент, а сомнително е тоа што нема отчет пред Собрание. Ова е додворување на менторите кои не одржуваат на власт за да не сакаат Американците кои испорачуваат сопствена течна нафта“, рече Димитров.
Наспроти ова, поранешниот советник за енергетика во кабинетот на Зоран Заев, Митко Андреевски, во емисијата рече дека проектот е започнат во 2013 и покрај многу дебати дали е потребен, се одлучило дека е потребен, и во веќе виден препознатлив стил индиректно го обвини поранешниот премиер.
„Од годинава на сите ни стана јасно за каков проект станува збор и какво е неговото знаечење. Најголемите скептици во изминативе девет години, разбраа дека тој нуди сигурност и безбедност во снабдувањето со енергенси“, рече Андреевски без да изнесе податоци за да го поткрепи истото.