Живот

Причината за мистериозниот помор на слоновите во Африка е откриена

Отровите кои во водата ги предизвикуваат микроскопски алги го предизвикале необјаснивиот помор на стотици слонови во Боцвана, каде инаку живее третина од популацијата на сите африкански слонови, јавија здруженијата за заштита на дивите животни.

Ситуацијата стана алармантна откако меѓу мај и јуни во делтата на реката Окаванго беа забележани труповите на мртвите животни.

Би-би-си јавува дека одговорните службеници по повеќемесечни истражувања, спроведени во специјални лаборатории во Јужна Африка, Канада, Зимбабве и САД, соопштија дека досега од внесување цијанобактерии загинале дури 330 слонови. Ловокрадците се дефинитивно исклучени како причина за поморот.

Спомнатите отровни бактерии можат да се појават сосема природно во застоена вода, но понекогаш прераснуваат во таканаречени диворастечки сино-зелени алги.

Многу од угинатите слонови биле најдени во близина на поила, но експертите досега не беа сигурни дали за масовните умирања да ги обвинат токму цијанобактериите бидејќи тие главно се појавуваат на рабовите, односно на брегот, а слоновите обично пијат вода од средината на езерата, односно реките.

„Умирањата престанаа на крајот на јуни 2020, што коинцидира со процесот на сушење (на делтата)“, изјави вчера на прес-конференција главниот ветеринар на Одделот за диви животни и национални паркови на Боцвана Мади Рубен.

Имајќи предвид дека на слоновите не им биле извадени забите, ловокрадењето уште во јуни беше исклучено како причина за смртта, како и труењето со антракс.

„Меѓутоа, и понатаму бараме одговори на многу прашања – зошто угинале само слонови и зошто само во таа област. Истражуваме многу теории“, додаде Рубен.

Цијанобактериите, познати и како сино-зелени алги, можат да се најдат низ целиот свет, особено во мирни води богати со хранливи материи. Некои видови произведуваат токсини кои влијаат врз луѓето и животните.

Луѓето можат да бидат изложени на цијанобактериски токсини со пиење или капење во контаминирана вода. Симптомите вклучуваат иритација на кожата, грчеви во стомакот, повраќање, мачнина, дијареја, треска и главоболка.

Птиците и рибите исто така можат да се отрујат од високо ниво на цијанобактерии.

Тагови

Поврзани вести