Живот
Првата населба во Данска што ќе биде целосно изградена од дрво
За новиот кварт во Копенхаген, кој целосно ќе биде изграден од дрво, планирано е природно живеалиште што поттикнува подобар развој на растителни и животински видови.
Проектот „Фаеледби“ ќе се изгради на периферијата на Копенхаген, на место на сегашна депонија. Tука треба да живеат околу 7.000 луѓе. Проектот го потпишува архитектонската фирма „Хенинг ларсен“ во соработка со инженери и биолози од компанијата Ем-о-и, со заедничка цел да се покаже дека современиот концепт за домување истовремено може да биде и еколошки, но и да ги задоволи потребите на луѓето, животните и природата. „Фаеледби“ претставува предлог за станбена шема што природата ја поставува во својата срцевина.
Фото: Henning Larsen
– Новиот кварт во Копенхаген не само што ќе биде првата населба што целосно ќе биде изградена од дрво туку ќе има и природно живеалиште што поттикнува подобар развој на растителни и животински видови. Создадовме населба каде што биодиверзитетот и активната рекреација го дефинираат одржливиот пакт помеѓу луѓето и природата – објаснува архитектот Сигне Конгебро од „Хенинг Ларсен“.
Една од главните цели на проектот е да се намалат емисиите на СО2, така што освен употребата на дрво како главен градежен материјал, се предвидува и 40 отсто од локацијата да бидат разновиден отворен простор. Ќе содржи многу паркови што треба да поттикнат дополнителен развој на растенија и одредени видови животни, како птици, лилјаци и пеперутки. Секој од трите дела на населбата ќе содржи централно поставена водена површина за да се овозможат услови за живот на жаби и дождалци.
Фото: Henning Larsen
Естетика на градот и на селото
Проектот, кој ќе биде на површина од 18 хектари, всушност е победничкото решение на националниот натпревар организиран од компанијата за продажба на недвижности „Бај & Хавн“.
Проектот ги спојува естетиката на данскиот урбанизам со руралните топологии настојувајќи да го надополни урбаниот пејзаж.