Економија

По струјата поскапува и парното ?!

Поскапувањето станува се поизвесно, откако неколку месеци по ред цената на природниот гас на светските берзи руши рекорди и достигна вредност од над 2 илјади долари. Ако метар кубен пред само неколку месеци чинел 200 долари, денеска неговата цена скокна за десет пати на рекордни 2 150 долари

Овој енергенс е клучниот во одредувањето на цената на парното, па според експертите, цените на светските берзи не се за занемарување. Според Ристо Филкоски, професор од машинскиот факултет, за земјава да не се соочува со кризи во целиот енергетски сектор, потребни се долгорочни стратегии.

„Минималната производствена цена на топлинска енергија само по основи на трошоци за гориво, во систем на когенерација како АД Скопје при номинален режим на работа е значителна ставка, а уште повеќе во постројките на БЕГ. Секако дека ако цена на природен гас оди нагоре, може да се очекува и цената на греење да се покачи. Има одредени механизми тоа да не биде така драстично, но во секој случај може да се очекува да се покачи.“ изјави Ристо Филкоски, професор Машински факултет

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски уште пред една недела, кога цените на берзите беа двојно пониски од сегашните, предупреди дека ако сметките догодина драстично пораснат граѓаните ќе почнат масовно да се исклучуваат. Бислимовски уверува дека ќе направат се што е во нивна моќ да нема ценовни шокови.

„Нашата дистрибутивна мрежа не е подготвена во населбите во деловите од Скопје каде што има организирано греење на топлинска енергија да се префрли тоа на електрична енергија. И префрлањето на електрична енергија ќе значи дополнително оптоварување на целиот електроенергетски систем.

При носењето на нашата одлука и за цената на топлинската енергија, особено овие факти ќе ги имаме предвид.“ изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Од владата пак смируваат, тврдат дека се водат преговори со Газпром, а ја укинаа и давачката од 2% за увоз на природен гас. Дополнително со заем од 29 милиони евра ќе се гради интерконекторот со Грција од каде ќе се снабдуваме со гас од Азербејџан. Но, овој интерконектор ќе почне да се гради дури наредната година, јавува Канал 5.

Тагови

Поврзани вести