Македонија
Почнува е- едукација за деца од градинки, ученици и наставници

Предучилишните установи на територијата на Општина Карпош започнуваат со прилагодена online едукација за децата. Градинките „Орце Николов“, „Мајски цвет“, „Распеана младост“ и „Пролет“ ќе прикачуваат едукативно – рекреативни содржини, за децата од две до шест години.
Содржините ќе можат да ги отвораат родителите на децата, кои лесно можат да се гледаат во домашни услови. Дел од содржините ќе бидат прикачени на платформата Google drive, но и на веб страните на градинките.
-Примарната цел на локалната самоуправа е да им се понудат едукативни содржини на најмладите, во периодите додека седат дома и не посетуваат предучилишно образование, како резултат на Covid – 19 (коронавирус). Воспитниот кадар на градиките од Карпош, исто така, е дел и од едукативната телевизиска програма која се емитува на Националниот радиодифузен сервис, а е наменета за децата кои посетуваат градинка-соопштија од локалната самоуправа.
Во десетте основни училишта во Карпош веќе една недела се применува е – настава, во деветите одделенија, но и во пониските класови.
Семос Едукација овие денови ги отвори своите виртуелни училници за сите слушатели низ цела Македонија за онлајн учење без граници.
– Онлајн учењето го прави знаењето многу подостапно, отворајќи одлични можности за побрза и полесна работа, како и за усовршување на посакуваните вештини. Виртуелните училници се современ метод на учење, особено развиен во областа на информатичката технологија. Свесни сме за ситуацијата, постојано ја следиме состојбата со корона вирусот и сакаме да ги заштитиме нашите слушатели. За таа цел нудиме можност сите граѓани од целата земја да добијат онлајн пристап до знаење и сертификација која ќе им помогне во нивниот професионален развој. Само за една недела има спроведено обука за над 360 слушатели во виртуелните училници – велат од компанијата.
Истовремено ќе организира бесплатна онлајн обука за 1.250 наставници од основно и средно образование за користење на алатки кои ќе им помогнат во реализација на нивната онлaјн настава.