Македонија

Почна судењето на 38 обвинети за трагедијата во „Пулс“

Во преполната судница во КПУ Идризово, под засилени безбедносни мерки денеска почна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Покрај обвинетите, присутни се и родни на 63 жртви кои го загубија животот во несреќата што се случи на 16 март, претсваници на обвинителството, на одбраната, новинари.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети од кои 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.

На прес-конференцијата што се одржа на 16 јуни, јавниот обвинител Љупчо Коцевски нагласи дека секоја институција имала законска можност да го спречи или намали ризикот, но пропустите се надоврзувале и резултирале со катастрофални последици.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Тагови

Поврзани вести