Македонија
Поставени првите ГПС предаватели на еребици камењарки во Галичица
Тим на научници од Македонското еколошко друштво, DOPPS - BirdLife Slovenia и Националниот парк Галичица деновиве залови две единки еребици камењарки и им постави ГПС предаватели.
Целата акција се одвиваше во националниот парк Галичица околу локалитетите Велестово, Дава Ливада и цирковите под врвот Магаро.
Статусот на еребиците камењарки на глобално ниво се движи кон засегнат, а кај нас постојат многу малку податоци за нивната екологија и живот. „Затоа, истражувањето со помош на телеметрија може да ни обезбеди јасна слика за територијата која ја користат, социјалното однесување на единките, распространувањето, презимувачките локации како и нивните закани. Имајќи на ум дека ова е ловна птица колку повеќе знаеме за неа толку полесно ќе можеме да направиме добри акциски планови, мониторинг планови и ефективни конзервациски мерки“, велат од МЕД.