Вести
Помор на јато китови во Нов Зеланд
Жална глетка - на плажа на островот Стјуарт во Нов Зеланд се насукале преку 140 т.н. пилот китови и умреле во агонија.
Службата за заштита на природата на Нов Зеланд соопшти дека околу половина од китовите биле веќе мртви кога биле откриени на осамената плажа, додека втората половина од китовите морале да бидат умртвени од страна на заштитници на животните и морски биолози, со оглед на тоа што веќе биле исцрпени и не можеле да се вратат во водата.
Китовите биле случајно откриени во саботата од човек кој пешачел по речиси пустото крајбрежје. Обидите китовите да бидат вратени во водата останале безуспешни.
Не е познато од која причина јатото китови масовно се насукало на плажата. Експертите претпоставуваат дека китот-предводник бил повреден или болен, па го загубил чувството за ориентација, а останатите китови го следеле. Можно е китовите да биле завлечени од морска струја или нападнати од ајкули.
Пилот-китовите се долги до осум метри и достигнуваат тежина до три тона. Во Нов Зеланд зачестено се случува китовите да залутаат и да се насукаат на плажи, лани во февруари на ваков начин угинаа преку 300 китови.