Македонија
Пожар во велешката фабрика за масло „Благој Ѓорев“, Велешани се задушија
Пожар во силосите на фабриката за масло Благој Ѓорев, во кои имало пелети, е причината за чадот и лошата миризба на која Велешани се жалеа викендов. Чадот беше интензивeн во вечерните и ноќните часови, велат тие. Оние кои живеат во близина на фабриката, реагираат дека вакво нешто досега немаат ниту видено, ниту почувствувано.
Иако потврдуваат дека викендов имало опожарување на силос со пелети, од фариката за масло велат дека чадот и миризбата не биле толку интензивни како што граѓаните се жалат. Во петокот попладне, веднаш штом го забележале, пријавиле и кај пожарникарите и во полиција, а на увид дошол и општинскиот инспектор по екологија. Од општина Велес, пак велат дека за инцидентот инспекторот дознал од други служби, а не од одговорните во фабриката, кои имале обрска тоа да го направат.
Пожарот во силосите денеска е изгасен, велат од фабриката. Телевизија 24 дознава дека инцидентот не бил нималку наивен и за негово санирање била потребна огромна внимателност, за да не дојде до поголема хаварија.
Велешката фабрика, попозната како Маслодајна, се наоѓа во густо населен дел на градот. Граѓаните кои живеат близу неа се жалат дека последните години често чувствуваат неподнослива миризба, која доаѓа од кругот на фабриката. Оттаму негираат дека ја загадуваат околината. Иако рокот пред неколку месеци истече, Маслодајна сеуште нема добиено Б интегрирана еколошка дозвола.