Македонија
Повторно пожар на депонијата Буково, од ЈП Комуналец велат дека се работи за подметнати пожари
Денеска повторно се чувствува чад по последниот пожар кој се случи на нестандардната депонија Буково. Директорот на ЈП Комуналец, Љупчо Грданоски вели дека огнот е стивнат и сега се чувствува густ чад и повторно ќе се пристапи кон прекривање со земја, но вели дека мора да се откријат причините за настанување на пожарите .
Според информациите кои ни ги достави Инспекторатот за животна средина последниот надзор на депонијата Буково бил извршен на 23.09, а пожарот како што вели Грданоски се случува само три дена по последното добиено решение и фото документација од Инспекторатот во кое како што вели тој стои дека со депонијата е се во ред. Грданоски повторно апелираше надлежните институции да постапат по случајот, бидејќи очигледно станува збор за истата група на луѓе која го подметнува пожарот.
Последното добиено решение од Државен инспекторат е дека се е во ред со депонијата. Денеска повторно поднесов пријава до МВР, се работи за класично потпалување на депонијата не за природно настанат пожар и ги повикав и МВР и Јавно Обвинителство да постапат, затоа што не може да настанува пожар постојано. Потрошени се огромни парични средства за санирање на пожарите. Ова е свесно и намерно потпалување. Очигледно е дека со секое ново депонирање на отпад ќе има и ново палење и затоа повикувам на почести патроли на депонијата од СВР Охрид, вели Грданоски.
Со претходната верзија на Законот за управување со отпад, како и со новата консолидирана верзија на истиот која беше неодамна усвоена во Собранието, законска надлежност за постапување имаат локалните/општинските инспектори за животна средина и истите задолжително треба да постапуваат по истиот. Од Инспекторатот велат дека тие постојано ги следат случувањата со нестандардните депонии и согласно овластувањата ќе постапуваат понатака.