Свет

Повеќе од 90 лица починале во поплавите во Бразил, 20 се водат за исчезнати

Властите во североисточната бразилска држава Пернамбуко синоќа соопштија дека е потврден 91 смртен случај како последица на поплавите за време на викендот, а повеќе од 20 лица се уште се водат како исчезнати, пренесе Асошиетед прес.

Стотици спасувачи се уште трагаат по 26 лица, за кои се уште ништо не се знае, се вели во официјалното соопштение.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро вчера прелета со хеликоптер над погодената област околу главниот град Пернамбуко – Ресифе и соседниот регион Јабоатао дос Гуарапес. Шефот на државата тогаш им изјави на новинарите дека хеликоптерот не може да слета поради натопената почва.

Болсонаро рече дека земјата неодамна доживеала слични катастрофи во планините над Рио де Жанеиро, јужната држава Баија и државата Минас Жераис.

Бразилската влада се подготвува да одвои средства за општините каде што е прогласена вонредна состојба, изјави на прес-конференција министерот за регионален развој Даниел Фереира. Тој исто така рече дека е достапна нова кредитна линија, која може да ја користат градовите погодени од вакви катастрофи.

Според експертите, климатските промени придонесуваат за поинтензивни врнежи, а Меѓувладиниот панел за климатски промени го идентификува регионот Ресифе како еден од најранливите во светот. Сместен на мала надморска височина, регионот со население од 4 милиони луѓе е во делтата на три реки, вклучува поплави и мрежа од десетици канали.

Во март, Ресифе стана првиот латиноамерикански град кој се приклучи на програмата за осигурување од климатски катастрофи. Таа беше формирана од локалните и регионалните власти и финансирана од Германската банка за развој.

Службата за цивилна заштита соопшти дека поплавите принудиле 5.000 луѓе да ги напуштат своите домови и ја подигнале свеста за опасноста од лизгање на земјиштето. Дождот не престанува, иако веќе не толку интензивен.

Тагови

Поврзани вести