Македонија
Повеќе од половината забелешки на УНЕСКО за Охрид не се реализирани
Неизвесен е статусот на светско заштитено наследство кој веќе 4 децении го ужива Охрид, предупредуваат екологистите. Според нив државата и градот немаат реализирано повеќе од половина од 19-те забелешки на Реактивната мисија на УНЕСКО, што ќе бидат разгледувани на специјална сесија на светската организација кон крајот на јуни во Баку. Дел од нив се однесуваат на урбанизацијата која продолжува со несмален интензитет и покрај забелешките на УНЕСКО, дека треба да биде запрено градењето додека не се изврши ревизија на донесените урбанистички планови и нивното влијание врз животната средина и природното и културното наследство.
Ништо нема да биде случајно ако во јуни добиеме препорака со уште повеќе забелешки од УНЕСКО, или Охрид ќе биде ставен на листа на загрозени подрачја. Најверојатно тоа некој во овој град го посакува, не сите. Меѓутоа не можеме да дозволиме за поединци кога станува збор за десеттина, стотина, па и милион евра што некој треба да ги добие да загубат 40-50.000 жители на овој регион, вели Трајче Талевски од неформалното еколошко движење Охрид SOS.
Новоизбраниот градоначалник на Охрид, кој најави присуство на расправата на која ќе се решава статусот на Охрид во УНЕСКО, вели дека ќе биде ставен ред во сферата на урбанизмот, но потребно е време.
Додека не го донесеме Генeралниот урбанистички план, нема да носиме детални урбанистички планови. Што се однесува до селата добивме од Агенцијата за рурален развој 9,5 милиони денари коишто ни се за изработка на урбанистички планови за селата, за да немаме таму повторно општи акти, коишто ни се креатори на проблеми како што е хотелот во Лагадин. Работиме на тоа поле, но потребно е време. – вели градоначалникот Георгиески.
Наспроти градските власти екологистите тврдат дека во овој момент во градот се градат над 200 објекти, меѓу кои и спорното минаре на Алипашината џамија во охридската чаршија, што го финансира Република Турција.
Стари објекти се ревитализираат или реконструираат со идентични материјали како оригиналот, овде немаме ништо од тоа, освен ставање на бетон. – укажува Талевски.
Ревитализацијата на Алипашината џамија која е прогласена за споменик на културата, исто така ќе биде на дневен ред на состанокот на УНЕСКО во Баку, на кој ќе се разгледуваат забелешките на Rеактивната комисија за Охрид, едно од само триесеттината места на планетата кои се под двојна заштита како светско природно и културно наследство.