Македонија
Повеќе критики отколку пофалби во годишниот извештај за напредокот на Македонија во енергетиката
Законот за нафтени резерви на сила е четири години, но во земјава не се применува. Македонија нема да призведе електрична енергија од алтернативни извори според планот, иако за тоа има најголем буџет во регионот.
Новиот акциски план за енергетска ефикасност треба да се направи и испрати до Европскиот секретаријат до крајот на април, но од Европската енергетска заедница се скептични и сметаат дека и овој рок нема се запази. Годишниот извештај за напредокот на Македонија на полето на енергетиката содржи повеќе критики, отколку пофалби.
„Како што знаеме во Македонија најголем проблем е слабите ресурси во секторот енергетска ефикасност. И во министерството, и во Агенцијата за енергетска ефикасност воопшто не поседувате персонал. Немате човечки ресурси“, рече Јанез Копач, претседател на Европска енергетска заедница.
Пратеникот Горан Милески од ЛДП кој претседава со Комисијата за економија, истакна дека владата требаше да испратат некој министер на денешната презентација на извештајот, а не советник, бидејќи според него наодите покажуваат дека има сериозни потфрлања во областа на енергетскиот сектор.
„Ако директорот на МЕПСО има пари да купува фотелји од бизони ќе најде и пари за имплементација и за балансирањето на пазарот“, рече Горан Милески ЛДП.
Парламентарното мнозинство, во дискусијата ги потенцираше само позитивните ефекти кои се очекуваат да произлезат од новиот Закон за енергетика.
„…И сега, со усвојување на Законот за енергетска ефикасност се надевам од законски аспект, ќе ги заокружиме прашањата за кои ние имаме одговорност и обврски“, изјави Реџаил Ислаили ДУИ.
Опозицијата смета дека нема место за пофалби, туку дека критиките се многу сериозни. Најпроблематично според нив е тоа што владата се уште не одредила надомест за чување на нафтените резерви. Одредена количина велат, веќе петта година, се чува во резервоари со кои не стопанисува никој.
„Познавачите на нафтениот бизнис велат дека ако резервите од дериватите не се обновуваат два пати годишно губат од својот квалитет“, рече Драган Цуклев ВМРО-ДПМНЕ.
Главните пречки поврзани со енергетиката Јанез Копач очекува да се надминат во првото тромесечие од годинава. Но изјави дека е задоволен како се развива енергетскиот сектор во земјава, а вели и дека е оптимист за иднината на Македонија по решавањето на спорот со името.