ЕКО производи
Пластични кеси – зголемување на цената, наместо забрана?
Баравме во новиот закон да бидат забранети сите пластични кеси за пазарување, вклучително и тие што ќе се нарекуваат еколошки и што ќе се продаваат по 15 денари, велат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.
Нелогичноста на овој закон за забрана на пластични кеси е во тоа што не се забранува од употреба штетната пластика. Напротив со зголемување на цената се допушта богатите и оние кој можат да си дозволат, да можат да загадуваат, а оние кој не можат да потрошат 15 денари за кеса нема да загадуваат. Дали овие решенија се дискриминаторски, останува да се позанимаваат одговорните лица и самите граѓани.
Цената од 15 денари за една биоразградлива пластична кеса во трговијата, како и забраната за употреба на пластичниот прибор за еднократна употреба во заштитените подрачја – нови правила што важат од денеска – се само мал дел од она што би требало за значи прочистувањето на Македонија од пластичната амбалажа, велат екологистите.
Тие потсетуваат дека од почетокот на јули годинава, ЕУ ја забрани употребата на сламките, пластичните чинии и прибори за јадење, чепкалките за уши. Забранети се дури и пластични држачи за балони, стапчиња за мешање коктели. Планот е до 2030 година целиот пластичен отпад во ЕУ да може да се рециклира. ЕУ направи отстапка за таканаречената „пандемиска пластика“, односно медицинската пластика, вклучително и маските и ракавиците.
– Тоа, пак, овозможува нашата земја да биде преплавена со пластични кеси, и покрај тоа што тие се законски забранети. Баравме во новиот закон да бидат забранети сите пластични кеси за пазарување, вклучително и тие направени од оксоразградлива пластика – посочуваат екологистите. Оксоразградливата пластика спаѓа помеѓу производите од еднократна пластика што ги забрани ЕУ во јули годинава.
Од Иницијативата велат дека заедно со воведувањето на забраната за пластичните кеси, општините и државата треба да спроведат и акција за доставување платнени торби за пазарување на сите граѓани што се соочуваат со сиромаштија, со што ќе се спречат негативните последици по нивниот животен стандард.
– Борејќи се за повисоки еколошки стандарди, нашата Иницијатива ја поддржува и борбата за социјална правда. Треба да изградиме еколошки поодговорен и социјално поправеден свет – велат борците против пластични кеси.
Според последниот Извештај на Министерството за животна средина, коj содржи податоци на компаниите што управуваат со отпадот од пакување, во 2020 година на пазарот се пуштени 31.750 тони пластика. Собрани биле 21.055 тони, а преработени се само 6.737 тони пластика, без податоци за тоа колку од овој отпад се однесува на пластичните кеси. Податоците на Државниот завод за статистика, исто за 2020 година, покажуваат дека во земјава биле произведени 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и кеси.