Македонија

Планинската спасителна служба од Охрид со нова опрема за хеликоптерско спасување

Планинската спасителна служба, при Црвен крст – Охрид доби специјализирани мултифункционални носилки и средства за имобилизација за хеликоптерско спасување, преку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, во рамки на ИПА програмата

Раководителот на Планинската спасителна служба, Антонио Додевски појасни дека се работи за специјализирани мултифункционални носилки и средства за имобилизација, кои првенствено се наменети за хеликоптерско спасување, но може да се користат и во случаи за спасување од технички комплексен терен, каде тежината и издржливоста на опремата имаат клучно значење за ефикасноста и брзината на операциите.

– Сетот се состои од мултифункционално носило KONG-LECO 2, наменето за транспорт на повредени во сите услови на технички терен, стрмни патеки, тесни премини, вертикални карпи… Опремено е со систем за подигање со хеликоптер, како и со систем за брзо и лесно фиксирање во хеликоптерот. Ова носило, овозможува лесен транспорт на повредени, од местото на несреќата до место погодно за слетување на хеликоптерот, но и негово прикачување и подигање од хеликоптер со помош на хеликоптерско витло, истакна Додески.

Опремата, додаде, е од реномиран италијански бренд, кој претставува лидер во светот на иновативните технологии за усовршување на опрема за спасување, која ги исполнува највисоките критериуми за безбедност.

– Благодарение на оваа опрема, како и соработката со хеликоптерските единици од армијата и полицијата, во иднина ќе можеме ефикасно да делуваме во прекуграничниот регион, но и пошироко, во случаи на комплексни операции за спасување, каде брзината и квалитетот на укажаната помош се од клучно значење за спасување на човечки животи, заклучи Додески.

Тагови

Поврзани вести