Македонија

Пет активни пожари во Македонија, најкритично кај Македонски Брод

Еден пожар стивнува, друг се разгорува, Македонија се бори со пламените јазици. Гори на 29 локации, а активни се пет пожари, најалармантно е во Македонски Брод. Гори нискостеблеста шума. Според градоначалникот Жарко Ристески допрва претстои битката со огнената стихија да не го префрли ридот и да навлезе во селото Слатина.

 

Уште гори и на Илинска Планина, село Базерник во Демир Хисар, а активни пожари има и во пробиштипско – села Зелениград и Јамиште, гевгелиско – село Фурка кон Каравалија, и во Општина Студеничани – села Драчевица – Црвена Вода, место викано Теман Бука.

Пожарите направија пустош во Македноија. Огнените јазици коишто пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума, предизвикаа ненадоместлива штета за „Национални шуми“. Надлежните се постојано на терен. Вршат увид на опожарените места, се прават првичните проценки и планови како да се санираат опстошените делови од огнената стихија.

Во моментов, приоритет ни е гаснењето на пожарите.Многу екипи се на терен и патролите се зголемени. Податоците се обработуваат каде пожарите се изгаснати – велат од Јавното претпријатие “Национални шуми”.

Во пожарите се уништени илјадници хектари шума, за која ќе биде потребно најмалку 50 години за да се обнови, велат од Национални шуми. Станува збор за опустошување на „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата.

Пламените јазици кои дивеаа, одземаа и човечки живот. Возрасен маж почина во кумановското село Кокошиње, задушен од чад. Во борбата со пожарите повредени беа и четворица пожарникари. За само еден месец, изгорени се и повеќе од 400 објекти, куќи и викендички во источниот дел на Македонија.

Тагови

Поврзани вести