Македонија

Охридскиот чинар во очајна состојба

Споменикот на природата потпрен на бандера

Под тежината на обилните врнежи од дожд и снег, но и под уште поголемата тежина на нашата колективна неодговорност, една од најголемите препознатливости на Охрид, 11 века стариот Чинар, на плоштадот „Крушевска Република“ деновиве е во очајна состојба, јавува порталот Охридпрес.

Со секој поголем снежен бран, се откинуваат гранки од илјадалетното дрво, кое пред многу години беше буквално „тапацирано“ во име на некаква негова наводна заштита.

Во 1967 година охридскиот Чинар беше прогласен за споменик на природата и е ставен под заштита на државата.

Во август 2002 година силен ветер ја урна најкрупната гранка од чинарот заедно со дел од старото стебло.

Тоа беше причина да се заштити и конзервира од вакви слични временски неприлики, но се чини дека оттогаш досега не се преземени никакви други дополнителни мерки бидејќи дрвото очигледно дека не е доволно заштитено.

Помали оштетувања се регистрираат секојдневно, а древното дрво, кое според легендата, го засадил лично Свети Климент Охридски уште во првата половина од деветтиот век, денес е буквално потпрено на бандера за да не падне.

Извор: Охридпрес

Тагови

Поврзани вести