Свет
Отворена е најголемата европска фарма за вертикално одгледување зеленчук во Данска
Најголемата фарма за вертикално одгледување зеленчук во Европа беше отворена оваа недела во предградијата на данскиот главен град Копенхаген, пренесува Анадолија. Тоа е фарма што Нордиска компанија ја отвори во индустриска сала во Таструп, што е најголем потфат на компанијата кога станува збор за производство на овошје и зеленчук без употреба на земјиште и сончева светлина.
Андерс Ридман, основач на компанијата, посочи дека Нордик Харвест работи на проекти кои нудат поодржлив начин на производство на храна во текот на целата година, локално, без нарушување на природата.
Тој рече дека зеленчукот ќе се одгледува на 14 спрата што се протегаат од подот до покривот, а планот е да се има жетва 15 пати годишно. Таквиот систем зафаќа помалку простор во споредба со традиционалното одгледување, а растенијата, со помош на LED светло, ќе растат на површина од 7.000 квадратни метри.
Фармата исто така ќе користи енергија добиена од обновливи извори и ќе постигне заштеда од 95% во потрошувачката на вода во споредба со традиционалното одгледување зеленчук.
Првично беше планирано да се одгледуваат зелена салата и билки без употреба на пестициди. Се очекуваат скоро илјада тони годишни приноси, а првите производи на пазарите треба да се најдат на почетокот на следната година.
И покрај предизвиците со кои се соочи, Ридман опстојуваше на својот план и одби неколку големи инвеститори на кои им се допаѓаше неговата идеја, но не му се допаѓаше тоа што тие сакаа да учат во бизнисот само за да остварат профит.
Во моментов, компанијата на Ридман произведува шест земјоделски сорти на модерен начин на вертикално градинарство, а нивната цел е да додадат одгледување на уште 14 сорти, вклучувајќи јагоди и боровинки.