Македонија

Основци во Гостивар наместо пред телефони во градина со билки и цвеќиња

Ботаничките градини во две основни училишта во Гостивар се вистински мал рај за учениците во кои развиваат љубов кон природата и еколошките вредности. Основците со помош на координаторите во Еко клуб, сами одгледуваат разни билки и цвеќиња, се грижат за нив, учат како да ги негуваат и го совладуваат целиот процес од семка до производ. Градините во основните училишта „Мустaфа Ќемал Ататурк“ и „Гоце Делчев“, беа изградени во рамки на проектот „Едукација на еколошки свесни генерации“ што го реализира Иницијатива за граѓански интеграции ИГИ Гостивар.

Проектот денес се заокружи со настан на кој беа презентирани сите активности спроведени во изминатите 18 месеци, вклучувајќи ги и ботаничките градини, кои продолжуваат да функционираат и понатаму.

„Како најважни активности би ги издвоиле изградбата на двете ботанички градини, потоа неколку посети на Национални паркови со учениците и наставниците, па изработка на брошури за тоа како се одгледуваат растенијата кои ги имаме во нашите градини итн. На мое големо задоволство интересот на децата се покажа многу голем, имаме 30 ученици кои редовно доаѓаат да работат во градината. Интересно и мотивирачки е што имаме веќе наши производи: марула, рукола, магдонос, лаванда, брокула, разни цвеќиња и слично кои ги продаваме на настани што се организираат по некои поводи. Во иднина би побарале од општината и еден простор за во вторник кога е пазарен ден да излеземе и да го понудиме тоа што го имаме во градината, да може да се самоодржува. Инаку, сите пари кои се заработуваат со продажбата повторно се вложуваат во градината, за земја, за семе…“, рече Сунчица Ѓурчиноска, проектен координатор.

Таа нагласува дека придобивките за децата во градењето еколошки навики и приврзување кон природата се бројни: „Најголем бенефит е што децата можат да излезат надвор од домовите, да се зближат со природата, да се оттргнат од мобилните телефони, да видат и да учествуваат во одгледувањето на храна и цвеќе“.

 

Тагови

Поврзани вести