Свет
Освен климатските промени, на Арктикот уште еден проблем – сè повеќе ѓубре
Арктикот се загрева двојно побрзо од остатокот од светот, па топењето на мразот кој долго го прекривал тоа подрачје отвора нови морски рути.
Арктикот се загрева двојно побрзо од остатокот од светот, па топењето на мразот кој долго го прекривал тоа подрачје отвора нови морски рути. Истражувачите минатата година забележале дека ѓубре ги затрупува плажите кај Беринговиот премин кај Алјаска.
“Тоа е директна последица од зголемените поморски активности”, рекол климатологот Рик Томан од Центарот за клима на Алјаска, еден од главните уредници на извештајот за Арктикот кој секоја година го објавува државната агенција “NOAA”.
Отпадот покажува “што климатските промени им овозможуваат на луѓето да прават во регионот”, рекол Томан.
Меѓу 2016-та и 2019-та година бројот на рибарски, товарни и воени бродови кои минуваат низ регионот пораснал за 58 проценти, а експертите тврдат дека сообраќајот уште расте паралелно со глобалното затоплување.
“Со поморскиот сообраќај доаѓа и бука. Подводните звучни слики на Арктикот станале побучни, што е проблем за морските цицачи кои користат звук за навигација и социјализација”, предупредува Томан.
Годишниот извештај, објавен на конференцијата на Американската геофизичка унија, зборува и за најниското ниво на мраз оваа пролет, што е уште еден знак дека климатските промени брзо го менуваат Арктикот.
Светската метеоролошка организација потврдила дека минатата година во сибирскиот град Верхојанск бил забележан арктички температурен рекорд од 38 степени.
“Жителите на Арктикот веќе ги чувствуваат големите промени”, рекла ко-авторката на извештајот Ана Лилједал.