Култура
Оригинално претставување на современата македонска книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт 2025

По петти пат, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава ќе ја претставува современата македонска книжевност на 76. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, кој се одржува од 15 до 19 октомври.
Креативниот концепт на овогодишното претставување на македонската книжевност на најголемиот светски саем во областа на издаваштвото се потпира на мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам.“ Со специјално изработен штанд за оваа намена, на простор од 32 квадратни метри, нашата земја и оваа година ќе се претстави во меѓународната четврта хала.
Македонската асоцијација на издавачи во периодот од завршувањето на нашиот Саем на книгата досега работеше паралелно на неколку проекти. На саемот ќе се претстават околу 70 автори кои се застапени во двата каталози – каталогот на книжевност за возрасни и каталогот на книжевност за деца, како и, за првпат, 20-тина илустратори, кои исто така се застапени во каталогот за деца. На штандот ќе бидат изложени голем дел од застапените дела во каталогот, како и делата на англиски јазик што се преведоа за ланското претставување на овој саем.
Современата македонска книжевност на саемот ќе ја промовира седумчлена делегација на МАИ. Нашите издавачи најголемиот и најпрестижниот книжевен саем ќе го искористат за промоција на нашата современа книжевност преку бројни деловни средби, а на два настана ќе учествува нашата писателка за деца Билјана С. Црвенковска.
Веќе традиционално, на 15 октомври – првиот, најпосетениот и највозбудливиот саемски ден, под покровителство на винарницата „Камник“, МАИ ќе организира коктел-забава за вмрежување со досегашните и идните соработници.
Саемот на книгата во Франкфурт е најголема и најпосетена манифестација од овој тип во светот. Оваа година тој се одржува по 76-ти пат. Почесна земја-гостин е Филипини. На саемот ќе се одржат околу 4.000 настани (промоции и панел-дискусии), ќе присуствуваат 10.000 новинари и 7.500 претставници на делегации на изложувачите од над сто земји, а бројот на очекувани посетители е над 230 илјади.