Македонија

Општина Карпош зеленилото кај Институтот за белодробни заболувања ќе го замени со куќи

Предлог ДУП-от кој наскоро ќе се најде на седница на општина Карпош предвидува изградба на десетици куќи во населбата Козле на зеленилото над Институтот за белодробни заболувања . Од општината велат дека ДУП-от е во согласност со ГУП-от, а архитекти сметаат дека на зеленилото не треба да се гради.

Планот предвидува над Институтот за белодробни заболување, болница во која лежат деца со болести на белите дробови, да се градат објекти за индивидуално живеење односно куќи со дозволена катност од приземје, два ката плус поткровје.

За носењето на новиот план реагираа граѓанските организации. Според нив, со него се уништува ново зеленило во градот, а се предвидуваат градење на терен каде земјиштето се лизга и градбите би биле небезбедни.

Здруженија од соседната општина Центар реагираат дека не случајно таму пред педесетина години е смислено да се смести болница за белодробни заболувања кај деца, затоа што треба да е во природа. Тие обвинуваат дека денеска се користат сите можни дупки во законот, како што е Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието на градежните активности врз животната средина, за да се додадат маркици за градење и болните ќе дишат градежна прашина.

Од Општина Карпош велат дека речиси целата постапка, како и јавната анкета и јавната презентација за овој ДУП се спровела во мандатот на претходниот градоначалникот, односно во 2015 година.

И тие се повикуваат на Одлуката за неспроведување стратегиска оцена донесена уште на 19 март 2015 според која „не е потребно да се спроведе стратегиска оцена на влијанието врз животната средина“, па „може да се дефинираат и оформат урбанистички парцели“.

Од општина Карпош сега, шест години по потписот на поранешниот градоначалник уверуваат дека над болницата во Козле нема да се градат станбени згради.

-Сакаме да потенцираме дека новопланираните објекти се исклучиво со намена за индивидуално домување А1 (П+2+ПК), со максимална висина до 10 метри. Станува збор за земјиште кое со децении е приватно, приватна сопственост на повеќе физички лица, кои со години бараат да можат да градат. Голем дел од објектите, кои планот ги опфаќа, а се со намена за колективно домување (А2) се веќе изградени, тоа се кулите, зградите кои се протегаат долж улицата Брадфордска, кај Министерство за економија и кај ‘Салон 29’. Планот е во согласност со Генералниот урбанистички план кој за тој дел предвидува намена за домување, велат од Општина Карпош.

Тагови

Поврзани вести