Македонија

Каков ефект имаат новите мерки на владата?

Каков ефект ќе постигнат новите владини мерки со кои од 16 август им се ограничува движењето на невакцинираните и се воведуваат и посебни редарски служби што ќе контролираат кој е вакциниран, а кој не, дали ваквите мерки реално се спроведливи на терен, кој ќе врши контроли за тоа? Дали на овој начин државата врши дискриминација? Сите овие прашања отвораат сериозни дилеми во јавноста, која е збунета од мерките што треба да стапат во сила од 16 август.

Вакви мерки на сегрегација последен пат биле применувани во Јужна Африка за време на апархејдот по расна основа, сега причина се вакцините. Фактот дека и вакцинираните може да пренесуваат и можат сериозно да заболат од ковид вирусот ги прави оправдувањата за воведувањето на овој вид на сеграгација неуверливи.

На социјалните мрежи веќе има силни реакции, меѓу другото и за тоа зошто се дискриминираат прележаните од ковид-19, кои иако имаат стекнат имунитет се изоставени и од нив се бара да примат две дози вакцина. Граѓаните на моменти со доза иронија и неверување гледаат на ваквите предлози, особено што велат дека нема никаква гаранција дека нема да има манипулации во нивното спроведување.
Велат дека е парадоксално цела година за влез во Македонија да не се бара никаков сертификат и сега откако над 80 отсто од новите случаи се практично увезени да се воведуваат мерки што и според епидемиолозите се чудни и збунувачки.

Според последните мерки усвоени од Владата, од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучувајќи и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Венко Филипче, министерот за здравство, вели дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките што се донесени се исклучиво во таа насока.
– Тие не го „делат народот“, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните – објави Филипче на своjот фејсбук-профил.

Кои се ширачите на вирусот?

Според епидемиологот Драган Даниловски, овие мерки немаат никаква епидемиолошка смисла, зашто сега имаме работа со делта-сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина.

– Еднакво опасни ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните со една доза. Вакцинираните само со една доза имаат заштита од симптоматска болест само од 33 отсто (студијата „Паблик хелт Ингланд“), односно 36 отсто (студијата „Индија“). А тоа е исто како да се невакцинирани! Која е, тогаш, логиката на Комисијата за заразни болести што дала таков предлог!? Од друга страна, дури и кога би се барала потврда за две примени дози и тоа не е гаранција дека тие не се заразени! Во студиите се вели дека заштитата од заразување со две дози „Фајзер“ е 80 отсто, а во други студии е 64 отсто. Да потсетам, цело време зборуваме за делта-сојот! Ова се бројки за „Фајзер“! За сите други вакцини – логично е – бројките се сигурно многу помали. Ако земеме предвид дека кај нас над 70 отсто од вакцинираните се со кинески вакцини, можеме да замислиме колкава им е заштитата на вакцинираните само со една доза – посочува тој.

 

Тагови

Поврзани вести