Македонија
Од 10 април започнува новиот систем за влез во ЕУ (EES)

Министерството за внатрешни работи информира дека од 10 април 2026 година започнува примената на новиот систем за влез и излез во Европската унија – EES (Entry/Exit System).
Станува збор за дигитализиран систем за евиденција на државјани од земји што не се членки на ЕУ, кои патуваат за краткорочен престој. Со неговото воведување, влезовите и излезите ќе се регистрираат електронски, а ќе се собираат и основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија.
Целта е побрза идентификација на патниците и поефикасно следење на дозволениот престој, согласно правилото „90 дена во период од 180 дена“. Се очекува ова да влијае врз времето на задржување на граничните премини при влез во ЕУ.
Од МВР посочуваат дека се преземени сите потребни мерки за непречено функционирање на граничните премини, вклучително и ангажирање на дополнителни ресурси.
Граничната полиција ќе продолжи со засилен надзор и навремено информирање на граѓаните за сите новини поврзани со примената на системот.



