Македонија
Од следната година повеќе пари за општините од јаглен, мермер, минерална вода…
За прв пат по шест години Министерството за економија донесе нов тарифник со кои се зголемува наплатата од дозволите за концесии за домашните и странските експлоататори на рудниците и геолошките суровини во земјата, а ќе започне да се наплаќа од 1 јануари 2021. Со тоа се очекува да има повеќе пари во буџетите на општините каде се експлоатира јаглен, мермер, гранит, минерална вода итн.
Од тон јаглед ќе се наплаќа процент од проектирана цена од 780 денари, наместо по 600 како до сега, 3.900 денари по тон јагленороден двооксид како и други гасови, наместо по 3.000. Процентот од секој продаден тон олово, цинк, бакар, никел или железо концесионерите ќе треба два отсто да и дадат на државата, но тоа останува исто како и во стариот тарифник. За овие метали, освен за железото, ќе се следи просечната цена на Лондонската берза од последните три месеци.
390 денари ќе се смета дека е тон песок, чакал и кварц, наместо досегашните 300, а за гипс 520, наместо досегашните 400 денари од тон. За експлоатација на мермер ќе се наплаќа како метар кубен да е 23.400 денари, наместо 18.000. Гранитот ќе ги чини концесионерите по претпоставка дека цената е 20.800 денари од метар кубен, а не како досега од 16.000, а истата сума важи и за украсниот камен.
За експлоатација на скапоцени и полускапоцени камења износот е 5 проценти од вредноста на продадената минерална суровина, а тоа останува исто како и до сега; Од градежно-техничкиот камен државата ќе добива процент по претпоставка дека чини 390 денари од тон, наместо 300, а 260 денари од глината, која до сега се сметаше дека е 300. Процентот за минералните и подземните води за пиење ќе се наплаќаат по претпоставка дека литар вода за продажба е 5,2 денари, а не како до сега 4 денари.
Поскапува и надоместокот за користење на површината на која е доделена концесијата и тоа 312.000,00 денари од километар квадратен за јаглен и други фосилни горива и 234.000 за метална руда, додека експлоатација на кварцен песок, мермер, гранит ќе чини 130.000 по квадратен километар. Толку ќе чини за песок и чакал, а за минерални води ќе биде 156.000. Поскапени се и надоместоците за вршење на детални геолошки истражувања па така тие се 156.000 денари за енергетски минерални суровини, како и за металични минерални суровини; кои инаку до сега изнесуваа 2.000 евра.
Иницијативата за промена на Тарифникот за плаќање на концесиски надоместоци ја започна министерот за економија Крешник Бектеши пред една година. Компаративната анализа со земјите од регионот и во земјите од ЕУ покажа дека надоместоците треба да се зголемат а првично беше планирано некои од нив да бидат повисоки и за 50 отсто иако новиот тарифник не покажува дека тоа е така.
Во меѓувреме, додека траеше низата на дебати, изгледа дека концесионерите издејствувале тарифникот да не биде толку „радикален“ за нив. Наплатата ќе започне од 2021 на секои три месеци, затоа што за годинава буџетите и инвестициските планови на концесионерите се веќе изготвени и започнати со реализација.
„Нашата крајна цел е одржливо искористување на минералните суровини, а измената на Тарифникот би овозможила општините каде се вршат овие дејности, како најголеми корисници на средствата од концесиски надоместок, да имаат поголем буџет за реализација на проекти корисни за граѓаните, како што се здравството, образованието и заштитата на животната средина“, истакна Бектеши.
Во моментов постојат 362 договори со оператори кои имаат договор за концесија за експлоатација на површината и внатрешноста на македонската земја. Најголеми површини за пронаоѓање на овие суровини имаат компании како Боров Дол, Булмак, Ри Енергетика, Силген Ресурсис, Скопски Легури, Еуромакс Рисорсис, рудниците Саса и Бучим, Цементарница Усје, Прилепскиот мермерен комбинат, Кнауф, Гранит АД, ИГМ, Ренова, АД ЕСМ, ТГС Технички гасови, Жикол, Кадиица Метал итн.