Свет

Одлична за лекување и рекреација: Оваа планина во соседството веќе 120 години носи статус на воздушна бања

Во доба кога коронавирусот повторно се шири на територијата на целиот Балкан, сè повеќе луѓе се откажуваат од летувањата и го бараат спасот во планините и зелената природа.

Една од најпопуларните дестинации е и планината Златибор во Србија, која освен што е опкружена со борова шума и бистри потоци, самиот престој на неа позитивно влијае на здравјето на луѓето.

Покрај планинските пејсажи кои се вистински одмор за душата и телото, Златибор е благотворен и во терапевтска смисла. Од дамнешни времиња е познато дека златиборскиот воздух е посебен и лековит, што е причина планината да добие статус на воздушна бања кој гордо го носи повеќе од 120 години.

Кога ќе пристигнете на Златибор, првото нешто кое ќе го забележите е Златиборското езеро, кое е најубавиот украс на туристичкиот центар. Веднаш зад езерото се наоѓа Кралскиот плоштад, пространо плато и шеталиште на кое во текот на целата година се организираат различни културни манифестации и концерти.

На ова место се здружени неколку фактори кои создаваат идеални услови за лекување, закрепнување и рекреација: геоморфолошкиот состав на земјиштето, шумите, ароматичната вегетација и надморската височина.

“Со порастот на надморската височина опаѓа воздушниот притисок, а расте нивото на хемоглобинот во крвта. Воздухот кој белите дробови го вдишуваат на 1000 метри над нивото на морето е полн со кислород. Со прошетките и рекреацијата во Златибор се зголемува бројот на крвни зрнца за над 2 милиони”, велат од локалната туристичка организација.

Тагови

Поврзани вести